Спасовски жали што Мисајловски не дошол на соочување


Техничкиот премиерот Оливер Спасовски оцени дека отсуството од второто соочување од страна на неговиот противкандидат во ИЕ 2 од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој требаше да се случи вечерва, е потврда дека „концептот на опозицијата е режимот“.

„Вечерва сметав дека заедно со Мисајловски ќе бидеме да ги соочиме аргументите на ниво на концепти, тоа што не дојде и на оваа дебата дава за право да констатираме дека продолжување на режимот е нивниот концепт и претходно бегаа од дебата и соочувања и сега тоа го прават“ рече Спасовски, на гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.

Според него, ако имавте 11 години во кои што избегнуваа на кој било начин да се соочат со кој било претставник на тогашната опозиција за да видиме што е добро во државата, а што е лошо, кои се визиите и концептот за оваа држава, сега, вели, кога имаме држава која што стана членка на НАТО која ги отвора преговорите со ЕУ, во која сите сме слободни, владее демократија поголема е обврската на секој од политичарите да дебатира и на основа на концепции и програма да им понудиме на граѓаните да изберат.

Според известувањето дојдено од ВМРО-ДПМНЕ, како што беше кажано во емисијата, отсуството на Мисајловски од вечерашната дебата било поради партиски обврски.

Во однос на можноста од нови рестрикции поради корона кризата, Спасовски оцени дека нема основ за тоа и дека доволно е да се почитуваат мерките.

Тој ги повика сите граѓани да излезат и да гласаат, да носат заштитна опрема и да и помогнат на државата со тоа што ќе гласаат.