Спасовски: Зголемена е ефикасноста на полицијата, од септември запленети 550 килограми марихуана


Фото: Б. Грданоски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во „Студио 10“ на ТВ24 истакна дека од септември досега биле направени неколку акции и биле пресечени два меѓународни канала за шверцување на марихуана. За кражбата на марихуаната од складиштето во Јосифово, од која потоа беа пронајдени само 300 килограми во Арачиново, рече дека постојат индиции оти дрогата е изнесена надвор и продадена.

-Од септември до денеска имаме голема ефикасност. Имавме заплена на марихуана во Јосифово, во Крушево. Последните 20 дена пресековме два меѓународни шверц канали. Запленивме над 550 килограми марихуана и 100 килограми хашиш.  Во Сингелиќ запленивме четири и пол килограми хероин и килограм кокаин. Ќе продолжиме со оваа сериозна неселективна борба. Даваме податоци колку дрога е запленета. Од украдената дрога од Јосифово, пронајдовме повеќе од 300 килограми во Арачиново, но останатата дрога не е пронајдена, истрагата е во тек. Има индиции дека дрогата да е и надвор од државава. Имаме сериозни докази за дрогата од Јосифово, шест кривични пријави има за тој настан. Во оваа држава мора да се стави до знаење дека секој мора да си одговара, нема врски ниту партиски ниту роднински, нагласи Спасовски.

Тој информира дека во 2021 година на сите автопатишта, регионални патишта ќе има камери и оти секој ќе мора да плати казна за направен сообраќаен прекршок.

-Само пет дрегери за алкотестирање имавме во цела држава и осум апарати за мерење на брзина (радари). Моравме да набавуваме нови. За камерите, пак, кои се поставени сега во земјава, тие се во функција на државна безбедност. Во 2021 ќе реализираме камери за сообраќајни прекршоци, на територијата на цела држава, софистицирано модерно решение. На сите автопатишта, регионални патишта ќе има камери. Пробале многу да се јават за кинење казни, но кај мене не може да помине тоа. Јас сметам дека ако сме одговорни, тоа не смееме да го дозволиме. Зоран Заев, Венко Филипче, Љупчо Николовски, но и мојот татко си платија казна кога направија сообраќаен прекршок. Ги охрабрувам полицајците да го санкционираат секој прекршок, истакна министерот Спасовски.

Првиот човек на МВР потенцира дека е многу важна безбедноста во сообраќајот и оти мора да ги смениме навиките и да се подигне јавната свест.

-Децата треба да се научат уште од најмала возраст како треба да се однесуваат во сообраќајот. Овој процес го видиме заедно со вас медиумите, за промоцијата на она што го правиме. Работиме репресивно, но и превентивно. Во ноември лани 714 сообраќајки, а истиот период годинава 564, има намалување за 20 проценти. Единаесет лица го загубиле животот во тој период во 2019 година, а годинава во ноември седум, намалување има за 36 отсто. За пешаците, ако споредуваме намалување, тоа е 75 проценти помалку, оние кои загинале во сообраќајки. Правиме сериозна контрола на јавниот превоз. Имаме континуитет. Полицијата на улиците ја посакуваме сите, заклучи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во „Студио 10“.