Спасовски во Крушево на увид во изградбата на гробното место на Тоше Проески


Премиерот Оливер Спасовски денеска ќе ги посети општините Прилеп и Крушево, соопшти владината прес-служба.
Спасовски, заедно со министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски и директорот на Општата болница Драги Богојески, ќе извршат обиколка на новоизградениот Ургентен центар и реновираното Акушерско одделение во рамки на болницата „Борка Талески“ и ќе извршат увид во донирана опрема во вредност од 50.000 евра.
Премиерот Спасовски, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ќе направи увид во рехабилитираната улица „Пере Тошев“ во најголемата населба „Точила“, а потоа и во градежните активности на регионалниот пат Алданци – Норово.Во Крушево, Спасовски, вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска и градоначалникот Томе Христоски, ќе извршат увид во изградбата на гробното место на Тоше Проески и ќе положат цвеќе во спомен куќата.

Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски лани во Министерството за култура потпиша договор за изградба на спомен-обележјето на Тоше Проески, за што од Владата се доделени десет милиони денари.

Крушево го изготви идејното решение за уредувањето на вечното почивалиште на Тоше Проески на Гумење.

Идејното решение е прифатено од локалната самоуправа.Автор е Жарко Чаушески кој единствен се пријавил на конкурсот. Иако се знаеше дека преклани од Владата беа одобрени 150.000 евра за оваа намена, тие пари не биле искористени до крајот на годината поради долги административни процедури, па сега Општината повторно конкурираше и доби пари, но според друга основа, преку јавен повик за капитални донации до локалните самоуправи за финансирање капитални објекти од интерес на културата.

За идејното решение за вечното почивалиште на Тоше Проески е консултирано и неговото семејство.

Од Оштината се надеваат дека конечно, по 13 години од трагичната смрт на Тоше Проески ќе биде достојно уредено неговото вечно почивалиште на истото место на Гумење каде сега под натстрешница се бројните постери, слики, предмети кои веќе 12 години ги оставаат неговите обожаватели не само од државава, туку и од целиот Балкан.

На Гумење веќе девет години е Спомен-куќата на Тоше Проески која, како и неговото вечно почивалиште, речиси никогаш не е без посетители. Досега Спомен-куќата ја посетиле над 650 000 гости од кои 30 отсто од странство. Во Музејот се поставени над 350 експонати поврзани со ликот и делото Тоше Проески.