Глас за Брисел или за Белизе?


Влеговме во НАТО, a ќе ја оствариме и втората стратешка цел членството во ЕУ, порача носителот на листа во ИЕ2 на Коалицијата „Можеме“ Оливер Спасовски на средба со граѓаните во скопската општина Ѓорче Петров.

– Сигурност се членството во НАТО и европските интеграции и тоа е правиот пат за сите нас. Влеговме во НАТО. Едната стратешка цел на државата ја остваривме. Можеме и во ЕУ. Добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и тоа е почеток на остварувањето на втората страешка цел на нашата држава. Во следните 4 години, до 2024 година, ќе отвориме 80 проценти од поглавјата за интеграција во Европската унија. Тоа ќе значи 2.5 милијарди евра од европските фондови, за нашата држава. Тоа се повеќе пари во справувањето со коронакризата, за здравството, за новата развојна македонска економија, за еколошки чиста држава, за земја со модерни патишта, водоводи, канализации, европско земјоделство, за европски стандарди – дома, изјави Спасовски.
Тоа, како што посочи, се можности за извоз на македонските производи, за развој на претпријатијата, за повисоки плати за вработените, за нови вработувања, за гарантиран брз економски развој.
– На таа трака е нашата држава. И не сме повеќе сами и незаштитени. Обезбедивме сигурна иднина за нас и за нашите деца. НАТО, ЕУ се сигурност. Тоа е опцијата пред нас. Спротивното е опасност: обнова на режим, нови закани, нови уцени, нови поделби, нови кавги со соседите и светот, меѓународна изолација. И тоа се пусти надежи на Груевски, обновен во Мицкоски. Назад веќе нема, на прав пат сме и продолжуваме уште повеќе и уште подобро, по НАТО и во ЕУ, истакна Спасовски.

 

-Денес сме горда 30 земја членка на НАТО, еднаква со најсилните и најмоќните земји во светот. Веќе никогаш повеќе нема да сме сами и незаштитени, изјави денеска и носителката на Изборната единица 3 на СДСМ, Јагода Шахпаска.

Таа појасни дека наспроти сите нивни влогови и резултати, стоеше ВМРО-ДПМНЕ кои, според неа, освен чувањето на земјата во изолација и под режим, јавно покажаа дека се против тоа земјата да оди напред.

-Додека Северна Македонија зачекоруваше во НАТО, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски навиваа тоа да не се случи, а кога формално се случи влезот во НАТО, Мицкоски не смогна сили ниту да аплаудира и да го честита историскиот успех на државата. Тоа е таа деструктивна партија.Немаше став за ниту едно важно прашањe, бегаше и опструираше секогаш кога се носеа промени важни за иднината на државата и граѓаните, рече таа.

Според Шахпаска, ништо друго ВМРО-ДПМНЕ не нуди освен обнова на режимот, изолација и продавање на лажен патриотизам, додека парите завршуваат во белиот дворец.

-Од едната страна е членството во НАТО, од другата страна е белата барокна палатa. Од едната страна се Брисел и преговорите со ЕУ, од другата страна се Хунзите, Белизе и Субрата Роj. Додека СДСМ нуди кадри кои земјата ја однесоа на прав пат, ВМРО-ДПМНЕ ги нуди луѓето на Груевски. Затоа, на 15 јули да продолжиме на прав пат кон ЕУ и НАТО, нема враќање назад во изолацијата и обнова на режимот. Сите ние МОЖЕМЕ повеќе и подобро!, изјави Шахпаска.