Спасовски со групата „Пријатели на проширувањето“: Создадени се сите услови да се поправи стратешката грешка од октомври


Посетата на министрите од земјите членки на ЕУ од групата  „Пријатели на проширувањето“, според премиерот Оливер Спасовски, е израз на голема поддршка и силно пријателство на Северна Македонија со земјите претставени во групата, како и со сите други земји членки на Унијата и доаѓа во моменти кога нашата земја станува членка на НАТО и кога очекуваме позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ.

Како што соопшти владината прес-служба, Спасовски денеска ја прими делегацијата од „Пријатели на проширувањето“, министрите за надворешни работи на Полска – Јацек Цапутович, Летонија – Едгарс Ринкевич, Литванија – Линас Линкевичиус и заменик-министерот за надворешни работи на Естонија – Март Волмер, кои се во дводневна работна посета на нашата земја.

Ја изразуваме нашата благодарност за вниманието и за отворените јавни изјави со поддршка за Северна Македонија и за што поскоро отворање на пристапните преговори, особено во претстојниов клучен период. Тоа се позитивни сигнали за нашата посветеност и храброст во спроведување на тешките реформски потфати, како и за постигнувањето на Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија и за спроведувањето на одредбите од тие договори, истакна Спасовски на средбата во Владата, на која присуствуваше и шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Премиерот рече дека новата методологија отвора можност за суштинско унапредување на процесот на преговори, за предвидливост и цврсто почитување на принципот на заслуги, и ја враќа кредибилноста на ЕУ во земјата и во регионот. Притоа нагласи дека земјава сака да биде пример за регионот во примената на новиот пристап. Очекуваме одлуката за преговори, истакна Спасовски, да биде означен почеток на еден динамичен и напорен процес.

– Министрите за надворешни работи на Полска,  Летонија, Литванија и заменик-министерот за надворешни работи на Естонија, на оваа средба уште еднаш ја истакнаа нивната силна и непоколеблива поддршка за отворање на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ и потенцираа дека стратешката грешка за неодобрување старт на тој процес во октомври 2019 година ќе биде поправена во текот на претстојниот период, соопшти владината прес-служба.