Спасовски: Следната недела Северна Македонија и официјално 30. членка на НАТО

Северна Македонија денеска пристапува кон испраќање на документот за ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО, откако тоа претходно го сторија сите земји-членки, најави денеска на својот Фејсбук профил премиерот Оливер Спасовски.

-НАТО и формално нè извести дека сите сојузници завршиле со ратификација на протоколот за наше членство. Денес, пристапуваме кон испраќање на нашиот документ за ратификација за Вашингтон. Следната недела истиот ќе биде предаден во Вашингтон и со тоа Република Северна Македонија ќе стане 30-та земја членка на НАТО, истакна Спасовски.

-Ова се големи историски моменти. Исполнета е важна стратешка цел за стабилноста на државата и за безбедноста на сите граѓани, додаде Спасовски.