Спасовски: Сите што помогнаа Скопје да се дави во ѓубре ќе добијат кривични пријави
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тврди дека ако се покажат точни информациите дека иселеници примале плата од „Комунална хигиена“ – секој ќе си сноси одговорност. Тој е дециден: „Нема да имаме отстапка за ниту една ситуација, ова треба да биде санкционирано за да се стави крај“.
„Навистина, ниту Скопје ниту граѓаните не го заслужија ова што се случи изминативе денови. Еколошка катастрофа, која ги загрозува здравјето и животот на граѓаните. И без да навлегуваме во причините – ова е катастрофа. Најмалку сакам превирањата да влијаат врз животот на граѓаните. Ние вчера очекувавме и мислам дека денеска треба да биде доставен записникот од Инспекторатот за животна средина, Комуналниот инспекторат и од Инспекторите на Град Скопје за да ги видиме нивните наоди. Во координација сме со обвинител. Ако има елементи за кривично дело, за сите сторители што придонесоа главниот град да се дави во смет – можно е да бидат поднесени кривични пријави“, најави Спасовски.
„Ако имало недоследности во работењето и биле злоупотребени буџетски средства – нема да имаме отстапка, ќе има одговорност“, најави Спасовски. Рече и дека е поднесена кривичната пријава за насилство оти работници биле нападнати од други вработени во „Комунална хигиена“.
Според Телма, 27 вработени во „ Комунална хигиена“ веќе се отпуштени од работа, а за тоа дознале синоќа доаѓајќи во трета смена, кога го виделе листот на огласната табла со нивните имиња и презимиња. Се работи за лица кои имаат повеќедецениски стаж во претпријатието, а биле распоредени на работни места од метачи, преку магационери до возачи и главни на блок.
„ Атер за граѓаните прекинавме со револтот за да го чистиме сметот, оти времето е многу топло, да не се шири некоја зараза. Наспроти тоа, добивме отказни решенија . Баравме леб, добивме отказни решенија. Луѓе што работевме по 30 – 40 години со работен стаж во Комунална хигиена“, изјави Насер Биљал од синдикалната организација на „ Комунална хигиена“
Најновите откази во јавното претпријатие се дополнување на веќе отпуштените десетина вработени на неопределено време, меѓу кои е и синдикалниот лидер и 27 примени со договор преку Агенцијата за привремени вработувања.
„Само за едно лице претходно била спроведена дисциплинска постапка , а останатите се отпуштени само затоа што протестираа , барајќи повисока плата, К-15, бенефициран стаж и враќање на избрканите колеги“, вели Биљал.