Спасовски проверуваше како се почитува полицискиот час (Фото, видео)


Премиерот Оливер Спасовски, во придружба на дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски вечерва направија увид на неколку полициски пункта непосредно по стартувањето на одлуката на Владата за ограничување на движењето на граѓаните на целата територија од 21 до 6 часот наутро.

„Прв пат воведуваме ограничено движење на граѓаните заради спречување на ширењето на корона вирусот. Знаете сите дека сега ништо не е исто, во вакви околности и однесувањето е вонредно и одговорно“, изјави Спасовски.

Тој апелираше граѓаните да ја почитуваат мерката и укажувањата на овластените полициските службеници.

„Многу е важно е да се почитуваат и укажувањата и рестрикциите и за дневни движења“, рече тој, апелирајќи на одговорност, граѓаните да останат дома и да не се излегува без нужна потреба од домовите.

„Само така ќе застанеме на патот на ширењето на вирусот“, рече Спасовски и се заблагодари на здравствените работници, полицајците, на Армијата, на пожарникарите, на комуналните претпријатија, на новинарите, нагласувајќи дека сите заедно сме на фронтот на битката за здравјето и за животот на граѓаните.