Спасовски: Претседателот на партијата треба да биде и премиер

Првиот човек на партијата ја има и најголемата одговорност во носењето на одлуките и најдобро може да се носат одлуките што се базираат на исти вредности и во партијата и во владата


На подрачјето на целата држава 2021 година може да биде оценета генерално како стабилна во делот на безбедносната ситуација, без да бидат регистрирани некакви посериозни безбедносни настани што ги имавме, и тоа е најважно во однос на работењето. Секако дека вториот сегмент е во делот на криминалитетот и можеме да кажеме дека оваа 2021 година завршува со намалување на кривичните дела во споредба со 2020 година, вели во интервју за МИА, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Во однос на одговорноста за трагедиите што се случија со тетовската модуларна болница и автобуската несреќа во Бугарија, во која животот го загубија поголем број граѓани, Спасовски потенцира дека очекува таа одговорност да биде потврдена и за едниот и за вториот случај без разлика што за автобуската несреќа истрагата се води во соседна Бугарија.

Кога зборуваме генерално за одговорноста во државата, нагласува тој, тоа е прашање за кое ние треба да ја направиме најважната реформа од сите реформи.

– Секоја легислативна реформа, промена на законски, подзаконски акти, носење правила итн. не е ништо во споредба со реформата на умот. И ова е најважно за македонското општество – колку ќе го промениме умот, колку ќе го промениме однесувањето. Од тоа зависи сѐ. Од тоа зависат и одговорности, од тоа зависи посветеност на работа, од тоа зависи и начин на раководење со луѓето, од тоа зависи однесувањето на граѓаните. Сето тоа е поврзано со промената на свеста, со промената на размислувањата и тоа не е процес што завршува од денеска за утре. И тој процес не е процес во којшто не напреднала Северна Македонија, смета Спасовски.

Во интервјуто за МИА, министерот Спасовски говори и за реформите во МВР, за приритетите во 2022 година, за аферата „Двојник“, за борбата против организираните криминални групи кои шверцуваат дрога, оружје, мигранти, но и за борбата и справувањето со корупцијата во редовите на МВР, како и за многу други прашања…

Најавува и посветена сериозна борба против трговија со наркотици и внатре во државата и спречување меѓународен транспорт.

Како врвни стратегиските приоритети за идната година ги наведе борбата против криминалот, организираниот криминал и корупцијата, миграцијата, тероризмот, киберкриминалот. Меѓу нив и автоматизираната идентификација на отпечатоци од прсти и дланки, а следејќи ги ситуациите со кризните состојби што ги имавме посебно со пожарите изминатиот период за 2022 година и модернизација, надградба на едно од леталата на Министерството за внатрешни работи, сѐ со цел да може да биде вклучено во евентуални акции и активности.

Спасовски информира дека се приведени повеќе лица кога говориме за случаите кога на платформата „Тик-ток“ лажно беше објавено дека во еден трговски центар во Скопје ќе биде поставена бомба, лажната пријава дека има поставено бомба во близина на Влада при посета на еден висок функционер од Брисел и за лажно пријавување за наводно поставена бомба и во Македонскиот народен театар. Сите овие случаи се затворени, подвлекува Спасовски, од аспект на полиција доставени се материјали до Јавното обвинителство.

 

Спасовски во интервјуто за МИА оценува дека акцијата „Двојник“ што ја спроведе Министерството за внатрешни работи е една од акциите што го потврдуваат принципот– нула толеранција за корупција. Информира дека таа истрага е проширена и додаде дека секој, без разлика кој е, на каква позиција е во Министерството или во државата доколку е инволвиран ќе мора да носи одговорност.

– Затоа тие прашања, тие детали докрај сѐ уште не се соопштуваат во јавноста од страна на Јавното обвинителство. Соопштуваме тоа што е завршено и тоа што можеме да го кажеме. Важно е дека целата таа криминална структура е откриена, против нив се отворени постапки, имаме веќе одредени пресуди и сите тие патни исправи не може да се користат, значи тие се поништени во соодветна постапка којашто ја имаме и практично покажавме еден силен одговор во државата во овој дел на справувањето со вакви коруптивни активности, рече тој.

Министерот за внатрешни работи информира и дека се отстранети и сите забелешки или се во фаза на отстранување на ГРЕКО, што се однесуваат пред сѐ на интегритетот на полициските службеници. Во однос на ветингот, меѓу другото информира дека се носат измени на законските решенија што се однесуваат до пријавата на имотот и на имотната состојба на секој полициски службеник заедно врз основа на анализата што се направи со Државната комисија за спречување на корупцијата.

По изборот на новиот претседател на СДСМ, ставот на Спасовски е дека претседателот на партијата треба да биде и премиер, заради тоа што, како што појасни, сепак првиот човек на партијата ја има и најголемата одговорност во носењето на одлуките и најдобро може да се носат одлуките што се базираат на исти вредности и во партијата и во владата. Очекува прво и посилен и пообединет Социјалдемократски сојуз, а тоа ќе значи, појаснува, и наметнување нов начин во водењето на партијата, поуспешен од тоа што бил веројатно досега. Истакна дека имало исклучително добро водство од страна на претседателот Зоран Заев, направено е многу за партијата, направено е многу и за државата.

Многу храбро и многу визионерски одлуки коишто се донесоа и мене ми е и чест и гордост што бев дел од тоа раководство и бев еден од соработниците на претседателот Зоран Заев. Меѓутоа, со не помала верба и во новиот претседател Ковачевски во неговите мудри одлуки за тоа кој ќе биде дел од раководството, кои ќе бидат приоритетите во овој момент за да продолжиме уште посилно. Секако дека најважно ќе биде единството. Најважно ќе биде колку секој од нас ќе даде поддршка во напредокот на партијата, вели Спасовски за МИА.