Спасовски повика на избори без говор на омраза


Премиерот Оливер Спасовски го објави денес почетокот на предизборната кампања и повика изборите да се одржат според стандардите што беа постигнати на последните гласања и да бидат достојни на земја членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ која чека преговарачка рамка. Според него, во тек се подготовките изборната кампања да биде безбедна, така што правото на граѓаните да го дадат својот глас нема да го загрози нивното здравје, бидејќи на гласачките места ќе се задржат од 3 до 5 минути, или, како што рече, помалку од времето што го поминуваат во маркет или на пазар.

-Овие избори ќе бидат запаметени бидејќи ќе се одржат во услови на пандемија. Да си посакаме нивно успешно спроведување и во вакви услови, со максимална заштита на граѓаните и со фер и демократска атмосфера, рече Спасовски.

Тој нагласи дека изборите се решение со кое треба да излеземе од здравствената и социјалната криза, бидејќи на нашата парламентарна демократија, а пред се на јавното здравје, потребни им се активно Собрание и целосно функционална Влада. Институциите, рече премиерот,  покажаа капацитет да се справат со корона вирусот, но следната фаза мора да биде успешно спроведување на изборите.

-За првпат одржуваме избори како земја членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ за која се подготвува преговарачка рамка. Тоа е уште една мотивација да се организираат избори според високи стандарди.Треба да го задржиме признанието дека последните три години го развивме концептот на еднакво и праведно општество за сите. Да ги афирмираме вредностите на нашето општество кое овозможува толеранција за другите, рече Спасовски и упати апел до сите да  допринесат за еднакви услови и фер натпревар во изборната кампања, но без говор на омраза.

-Секое грубо кршење на ова право ќе биде санкционирано од институциите и од судот на јавноста, а исто така и секое кршење на мерките за корона вирусот.Секоја злоупотреба на државните ресурси за партиски цели ќе биде најстрого санкционирана, рече Спасовски, упатувајќи ја таа порака особено на актуелните функционери. Според него, институциите сега се транспарентни, а не како порано, и граѓаните ќе имаат увид во нивното однесување.

-Со претходните избори поставивме стандарди кои не смеат да бидат нарушени. На 15 јули ќе имаме демократски избори, здравствено безбедни, со почитување на мерките. Имаме историска одговорност да спроведеме избори какви што доликуваат  на земја членка на НАТО и на европска демократија која ја чекори последната фаза до полноправно членство во ЕУ, повтори Спасовски.

Околу отворањето на границите и дали е пресметан ризикот од ширењето на заразата, Спасовски рече дека таа одлука се најавуваше подолго време и зависеше од анализите на Комисијата за заразни болести .

-Проценката е, рече тој,  дека ова е моментот кога треба да ги отвориме границите за да имаме слободен проток и на луѓе и на стоки. Од 1 јули се најавува отворање на границите и на ЕУ кон трети земји, меѓу кои и нашиот регион. Ние треба да се научиме да живееме со вирусот и  да ги почитуваме мерките. Мерките досега го дадоа својот максимум и сега со лична одговорност треба да допринесеме да го држиме под контрола вирусот, рече премиерот, негирајќи дека одлуката е во корелација со изборниот процес и дека има врска со повиците до иселениците да дојдат да гласаат.

Околу прашањето дали е превид фактот дека на 15 јули нема изборен молк, Спасовски рече дека ДИК ќе ги одреди сите чекори во изборниот процес. Новина е, рече тој, што ќе се гласа два дена претходно, така што кампањата ќе трае помалку од 20 дена.

-Поважно е каква ќе биде кампањата и колку ќе бидеме на висина на задачата и на перцепцијата за демократскиот капацитет што го имаме и дали  меѓусебните напади ќе ги замениме со проекти и визии за државата, одговори тој.