Спасовски: Остануваме посветени на имплементација на договoрите за бегалци и за миграција


Ние сме активен партнер на Обединетите нации, другите меѓународни организации и Европската Унија. Дадовме силна поддршка и заложби за Глобалниот пакт за бегалци и Глобалниот договор за миграција и остануваме посветени на понатамошното нивно имплементирање и унапредување.

Ова го посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешното онлајн обраќање на 71-та сесија на Извршниот комитет на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР).

Со цел усогласување на нашето законодавство со регулативата на Европската унија, министерот истакна дека во 2018 година влезе во сила новиот Закон за меѓународна и привремена заштита, кој како што рече, во голем дел е усогласен со Директивите на Европскиот Совет и Парламент, а потоа и поголем број под-законски акти. Земјата, потенцира министерот, е договорна страна на сите клучни меѓународни инструменти на УНХЦР.

Во однос на Глобалниот пакт за бегалци и Глобалниот договор за миграција, Спасовски рече дека дадовме силна поддршка и заложби и дека остануваме посветени на понатамошно нивно имплементирање и унапредување.

– Во услови на глобалната пандемија со КОВИД-19, нашето Министерство почна да спроведува интервјуа со барателите на азил преку он-лајн платформа – притоа, бевме меѓу првите во регионот,со почитување на препораките на Европската Комисија и на здравствените власти и прописи, при што, сепак се обезбеди почитување на законските рокови и пред сè, се зачува здравјето и на барателите на азил и на нашите службеници, истакна Спасовски.

Тој го потврди ефикасното управување со миграцијата, раното откривање и спречување на илегалните движења долж „Западнобалканската рута“ како приоритет за Министерството со фокус на намалување на заканите по граничната безбедност и во функција на намалување на ризикот по животот и здравјето и истакна дека во Прифатниот центар за странци кој е во надлежност на Министерството досега не се регистрирани позитивни случаи на КОВИД-19.

– Минатите години потврдија дека успешното справување со транснационалните закани, е можно доколку и одговорот биде таков – транснационален и координиран. Меѓународно-правните инструменти на УНХЦР, а во последно време Глобалните пактови за бегалците и миграциите можат да бидат суштински за инспирирање на меѓународната заедница, за иновативни решенија при глобалното управување со миграцијата, ублажување на причините, за справување со трговијата со луѓе, организираниот криминал и можат да придонесат за спасување животи, додаде Спасовски.

Министерот на крај ги истакна добрата координација и соработка, размената на информации и споделената одговорност меѓу различните чинители како суштински во решавањето на актуелните глобални предизвици и ја потенцираше посветеноста на овие принципи.