Спасовски: Нулта толеранција за влез на мигранти во Македонија


Македонија нема да дозволи влез на мигранти на својата територија и ќе спроведува политика на нулта толеранција во однос на евентуалните обиди мигрантите да ја преминат границата, изјави денес на прес конференција премиерот Оливер Спасовски, одговорајќи на новинарски прашања.

„Ќе имаме нулта толеранција и нема да се дозволиме влез на мигранти, бидејќи тоа е политика и на сите држави во регионот“, рече Спасовски.

Тој појасни дека во однос на мигрантската криза Македонија ја градеше својата политика на две основи – едната е европската политика во делот со справувањето со мигранти, а другата е регионалната соработка, односно политика која е заедничка со земјите од регионот. Тој додаде дека нема справување со било каков мигрантски бран ако сите земји заедно не носат заеднички ставови и одлуки и ако не соработуваат меѓу себе.

„Во однос на ставот на Македонија, знаете дека имавме политика во која што мигрантите само транзитираа низ територијата на нашата земја и дека имаме само два транзитни центри. Сега е очигледно дека транзитот не е опција и не може да функционира таа рута. Затоа наша одлука е да имаме нулта толеранција за влез на мигрантите“, нагласи Спасовски.

Тој потсети дека уште е важечка одлуката за кризна состојба и дека се зголемени силите и на армијата и на полицијата на јужната граница.

„Врз основа на сите информации кои што ги добиваме од нашите служби и од партнерските служби, ситуацијата се следи. Сега за сега е стабилно, немаме никакви зголемувања на мигранти кои што би можеле да се обидат да влезат на територијата на нашата држава“, рече Спасовски, повторувајќи го ставот за нулта толеранција за влез на мигрантите.

Ваквиот развој на настаните доаѓа откако мигрантската криза ескалираше на турско-грчката граница по одлуката на Турција да им дозволи заминување на милиони мигранти од нејзината територија кон Европската унија.

Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, пред два дена рече дека ако мигрантите ја пробијат грчката граница, ќе бидат запрени во Западен Балкан.

„Постои тројна мрежа. Прво, грчката влада, за разлика од претходно, е одлучна во одбраната на надворешната граница на ЕУ. Ние сме во тесен контакт со пријателите од Западен Балкан и тие се подготвени во случај на пробивање на грчката граница да ги заштитат своите граници и да не дозволат пропуштање на мигрантите. Трето, министерот за внатрешни работи е подготвен да ја заштити границата на Австрија од пробој на мигрантите. На тој начин ќе спречиме нова мигрантска криза како онаа во 2015 година“, рече Курц.

Исто така и српскиот претседател Александар Вучиќ, спред пишувањето на медиумите во Србија, издал наредба ако е потребно, поради мигрантската криза, херметички да се затворат границите.

„Издадов наредба на српската војска, го замолив Бирото за соработка со сите (безбедоносни) служби, како и МВР, и српската Влада, доколку дојде до загрозување на националната безбедност, можеме речиси херметички да ги затвориме границите на нашата земја“, изјавил Вучиќ и додал дека нема да дозволи Србија да биде единствена жртва во евентуална нова мигрантска криза.