Спасовски: Нема ситни и крупни риби, најмногу внимание треба да се посвети на високата корупција


Фото: Б. Грданоски

Нема ситни и крупни риби, има оние што се криминалци и оние што не се, меѓутоа секако дека најмногу треба внимание да се посвети на високата корупција, на оние луѓе кои се вклучени во институциите на сиситемот и кои практично соработуваат со оние, што ги нарекувате ситни риби.

Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање во однос на вчерашната акција на Финансиската полиција во која беа беа приведени дваесетмина бизнисмени и сметководители, кои незаконски го оштетиле државниот буџет за над еден милион евра.

Очекувам, потенцира Спасовски, дека ќе имаме се повеќе вакви истраги и се повеќе ќе има детекција на таков криминал и со тоа директно да покажеме ефиканост во борбата против криминалот и корупцијата

– Вчерашната истрага, колку што видов, се работи за фирми, што за еден милион евра ја оштетиле државата. Секако дека таквите истраги продолжуваат и во овие органи и во МВР и секаде каде што има каква било поврзност, со било кој  што е вклучен, дали е тоа во админситрација, или раководен орган итн… треба да се завршуваат до крај, рече министерот за внатрешни работи Спасовски.

Оваа Влада навистина има капацитет и политичка волја да се справува со корупцијата и криминалот. Дали е тоа во високите ешалони или се работи генерално за сузбивањето на криминалитетот треба да продолжиме многу интензивно во таа битка, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој, коментирајќи ги критиките од страна на опозицијата дека борбата против високата корупција се сведува само на функционери од поранешната власт, посочи дека без разлика дали се работи за поранешни или сегашни функционери, доколку некој се огреши пред Законот ќе одговара.

– Ако имаме повеќе луѓе кои учествувале во криминални активности во тие 11 години, во времето на режимот, тогаш и многу повеќе луѓе ќе носат одговорност. Тоа не значи дека кој било носител на функција и од актуелната власт доколку се огреши пред Законот, доколку не постапува врз основа на законските одредби, нема да биде земен на одговорност, рече Спасовски.

Тој додаде дека критиките ги доживува само како критики од страна на опозициска партија која сака да изнесува свои ставови во јавноста.

– Овие случаи кои се водат пред истражните органи, пред Обвинителството и Судот се случаи за кои мора и треба да има постапување, рече Спасовски осврнувајќи се на прашањето дека судот го прифатило обвинението на Антонио Милошоски.