Спасовски: Нема партиски тимови за вирусот, тие се во болниците


Премиерот Оливер Спасовски вечерва изјави изјави дека  не прифаќа „никакво политичко профитерство на грбот и здравјето на граѓаните. Исто така и во економијата или профитерство во новинарството. Ако некој се одлучил на оваа ситуација да ја користи и сака на неа да печали поени, на крајот ќе изгуби. Ако некому му се поважни политичкиот рејтинг или поените од здравјето на граѓаните, тогаш тоа не е лидерство. Нам ни треба да покажеме лидерство пред граѓаните. Има луѓе кои се одговорни за ситуацијата и во опозицијата, но некои од раководствата на партиите, иако излегуваат и тврдат дека ги поддржуваат мерките на Владата, сепак нудат некакви тимови за интервенција. Тимовите задолжени за ситуацијата може да се најдат исклучиво во болниците, не постојат партиски лекарски тимови. Ова не е вирус за едни или други, не постои партиски вирус, тој е опасен за сите нас подеднакво“,  коментираше вечерва во онлајн интервју Спасовски во врска со најавите на некои партии, пред се ВМРО-ДПМНЕ, дека тие имаат свои медицински екипи кои може да интервенираат

Спасовски повика да надвладее разумот, кој во моментов е најнеопходен за да се зачува ситуацијата со вирусот под контрола.

„Да ги почитуваме институциите, а преку нив и граѓаните. Здравјето и животот се поважни од секоја  политичка одлука и од секоја политичка цел. Затоа на лидерската средба зборувавме сите, а потоа зборував и на телефон со сите лидери на партии. До 22 март партиите ги ставаат под мораторум сите активности за изборите и тоа треба да се испочитува. Секој аспект од кризата мора да се цени и во рамки на тоа да се носат одлуки за изборите и за другите прашања.  Ако граѓаните и животот се најважни, тогаш чија и која политичка цел може да биде поважна?“, праша Спасовски.

Владата ќе преземе чекори за помош на економијата. „Оваа состојба е удар и врз економијата и врз целото општество и не е ограничена само на нашата земја. Здравјето и животот на луѓето се над се и немаат цена. Паралелно со грижата за животот и здравјето на граѓаните, што е врвен приоритет, работиме и на сите други аспекти од општественото живеење, пред се на економијата. Некои мерки се радикални, но се неопходни за да се побрзо да се превенира ширењето на вирусот“, кажа Спасовски.

Како најпогодени сектори ги наведе транспортот, туризмот и угостителството. Спасовски најави дека од утре економскиот тим на Владата ќе преземе конкретни чекори со точно дефинирани временски периоди за помош на бизнис секторот.