Спасовски на 80 години од формирањето на КПМ


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес присуствуваше на одбележувањето на јубилејни 80 години од формирањето на Комунистичка партија на Македонија во Тетово, во спомен куќата на семејството Јовановци, која е денешен Меморијален музеј на ЦК на КПМ, а во организација на Општинската организација на Сојузот на борци од Тетово во соработка со Национална установа „Музеј на тетовскиот крај“, информираат од МВР.

Обраќајќи се пред присутните, министерот Спасовски го истакна значењето на историската куќа на семејството Јовановци која и по 80 години ја чува историјата на големите одлуки кои беа донесени на 19 март 1943, со кои е конституиран Централниот Комитет на Комунистичката партија на Македонија.

-Овој светол датум претставува и непобитен доказ за самосвеста на македонскиот народ, за силната и непоколеблива волја, победничкиот морал и слободарски дух на припадниците на партизанското движење на Македонија, изразен со високата политичка свест на борците и на населението за постигнување на крајната цел – создавање македонска држава, истакна Спасовски.

Тој во свое и во име на МВР ја изрази почитта и благодарноста кон сите членови на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија, честитајќи го денешниот голем јубилеј – 80 години од формирањето на Централниот комитет на КПМ.

-Овие големи датуми, но и хероите присутни тука, нè потсетуваат дека слободата никому не му е подарена, а визијата на секој лидер е да ја чува и негува татковината, да ги носи вистинските одлуки во вистинско време за доброто на својот народ, за својата држава, почитувајќи ги слободарската традиција, херојската историја и идејата на антифашизмот. Тоа бил и останува нашиот вистински пат, истакна Спасовски, упатувајќи желби што поскоро големите датуми од нашето минато, од нашата крвава антифашистичка историја да ги одбележуваме со комплетно исполнети стратешки определби, наши и на нашите предци, во модерна демократска држава со европски вредности.

На крајот од настанот Спасовски положи цвеќе пред бистата на Јосип Броз Тито во дворното место на спомен куќата на семејството Јовановци. Притоа, тој ја посети и спомен собата каде е формирана Комунистичката партија на Македонија и избран нејзиниот Централен комитет, при што се потпиша во Книгата за впечатоци.

„Во чест на денот на формирањето на КПМ и 80 години опстојување на идејата за слобода, правда и рамноправност. Никогаш да не се заборават придобивките на антифашизмот. Да не се заборават темелите на македонската државност“, напиша министерот Спасовски во Книгата за впечатоци во спомен куќата на Јовановци од Тетово.