Спасовски: На 4 февруари ќе одлучиме дали Џамбаски ќе влезе во Македонија


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски запрашан дали европратеникот Ангел Џамбаски на чествувањето на Гоце Делчев, на 4 февруари ќе биде вратен од граница, кратко одговори дека тој ден ќе одлучат што ќе прават. За Спасовски врвен приоритет е Владата да го зачува мирот и стабилноста во државата.

„Не е добро за политичките односи и внатре во државата и помеѓу соседите. Знаеме дека секогаш имаме радикални структури кои поради лични или други интереси сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите. Од друга страна, никако не смееме да дозволиме да се наруши безбедноста на нашите граѓани. Владата вчера разговараше на оваа тема, го заложи МВР да преземе надлежности во зачувувањето на безбедноста и стабилност во соработка со Агенцијата за национална безбедност“, изјави Спасовски.

Претходно и премиерот Димитар Ковачевски не соопшти прецизно каков ќе биде третманот на непосакуваните гости на македонско-бугарската граница. Според него, шефот на дипломатијата Бујар Османи  треба да одлучи за тоа, како и за другите лица што евентуално би се нашле на таа листа за забранет влез во Македонија.  Ковачевски гарантира дека одбележувањето на денот на раѓањето на великанот ќе помине мирно.

„Сѐ што е во надлежност на Владата ќе биде направено, со цел да се гарантира мирно и достоинствено одбележување на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев. Тие активности (прогласување за нерсона нон-грата) се на МНР и се спроведуваат врз основа на Законот за странци и одредбите кои регулираат кое лице не може да влезе во државата, а поради активности кои ги нарушуваат односите меѓу државите. Без разлика ако е политичар или друго лице, ако МНР го идентификува таквото лице, тоа не може да влезе во државата. Достоинството на нашата држава е врвен приоритет“, посочи Ковачевски, додавајќи дека ги осудува сите кои шират немир, прават провокации, со цел односите меѓу државите да се нарушат.

Во исто време, европратеникот Џамбаски веќе најави дека на 4 февруари ќе биде во Македонија пред гробот на Гоце Делчев.Тој наедно го прозва претседателот Стево Пендаровски.
 
„Пендаровски, познат како Стево Коминтерната, рече дека ќе ми забрани да се поклонам пред саркофагот на Бугаринот Гоце Делчев?! Не можам да одбијам толку убава покана. Стево, те чекам да дојдеш!“, напиша Џамбаски.