Спасовски му даде плакета на Герберих за придонесот за Македонија


На средбата која денеска ја имаше премиерот Оливер Спасовски со Томас Герберих, амбасадор на Германија кој го завршува својот мандат во нашата држава, поздравени се историските исчекори на земјава во демократските процеси, добрососедските односи, членството во НАТО и отворените европски перспективи со одлуката на ЕУ за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.

Премиерот Спасовски изразил благодарност до канцеларката Меркел, до германската Влада, до амбасадорот Герберих и до германската амбасада за огромната поддршка во сите специфични процеси во нашата држава, за искреното и големо пријателство од Сојузна Република Германија, како и од сите земји членки на ЕУ, со што позитивните резултати од овие големи процеси станаа реалност.

– Ви ја врачувам оваа плакета како знак на огромна благодарност за сè што направивте лично и како претставник на нашиот голем пријател, Сојузна Република Германија, за Република Северна Македонија и за нашите национални интереси, рече премиерот Спасовски.