Спасовски: Мерките нема да се релаксираат со една одлука


Премиерот Оливер Спасовски за Утрински брифинг не одговори директно кога ќе почнат да се применуваат олеснувањата што од вчера се најавуваат од сите функционери во државата. Според него, одлуките не зависат од верските празници, а нивното релаксирање ќе биде постепено, не со една одлука.

Тој потсети дека уште пред велигденските празници најавил релаксација на мерките водејќи се од бројот на новозаболени, бројот на излекувани и старосната структура на носителите на болеста.

-Овие одлуки што ќе се донесат на Влада не се детерминирани ниту од верски празници, ниту  од залагање на еден или друг, само затоа што некој предложил некоја мерка или тоа им се допаѓа на одредена група луѓе. Тоа не е сериозно. Мерките не беа посакувани од било кој во Владата туку беа потребни за да се заштитат живототите на граѓаните. Ќе почнеме постепено да ги релаксираме мерките, но нема да оди тоа веднаш, со една одлука…Треба да почнеме да учиме да се однесуваме поинаку, изјави Спасовски.

Околу заканите од  поглаварот на ИВЗ дека ако не добие помош нема да ги почитува мерките, Спасовски рече дека уште на почетокот на кризата разговарале со верските водачи во смисла на почитување на одлуките.

-Одговорност имаат сите, не само државните органи туку и тие. Досега ги почитуваа со можеби некакви исклучоци. Џамиите со одлука на ИВЗ не работеа во овој период и мислам дека таа одлука ќе продолжи и натаму. Тоа што има јавни настапи со изнесувања лични ставови, во тоа не се мешам воопшто. Тоа што е одлука на Владата важи за сите, порача премиерот.

Тој повтори дека како кај сите, и кај нас се носат одлуки врз основа на анализите на епидемиолозите и насоките на СЗО, дека ние не сме исклучок, иако мерките се прилагодени на нашето општество.

-Ќе ги носиме одлуките, тоа нема да биде брзо, одеднаш, но мора да почне процес кој полека ќе го враќа животот во нормала, рече Спасовски, нагласувајќи дека треба да бидеме многу внимателни потоа, бидејќи намалувањето на мерките не значи дека можеме неодговорно да се однесуваме.

-Ќе треба да одржуваме физичка и социјална дистанца и да се носи заштитна опрема. Така ќе си помогнеме сите, рече Спасовски.

Околу мејлот што кружи низ земјата потпишан наводно од државниот секретар на МВР  Магдалена Нестороска,а зад кој стои унгарска интернет адреса, што отвори дилема дали има  структури што ја злоупотребуваат пандемијата за да водат политички војни или станува збор за меѓупартиските препукувања, Спасовски не исклучи ,хибридни напади, но исто така оцени дека луѓе кои служеа на претходниот режим во време кога имаше политизирање на МВР сега се собрани околу новиот министер Наќе Чулев. Според него се ова ќе биде дел од истрагата на МВР, кое како институција треба да изгради капацитет за хибридни закани и треба да биде постојано будно, но нагласи дека и внатре во него постојат структури кои можат да прават вакви напади. Најдобро е, според него, институциите да го испитаат целиот овој случај и да утврдат од каде се случуваат вакви работи.

Тој потврди исто така дека во СДСМ има иницијатива за повторно свикување на Собранието , дека основа за тоа има во законите и дека во ваква ситуација на распишани избори,а без парламент, добро е тоа да почне да функционира.