Спасовски – Кристодулидес: Отворањето на преговорите со ЕУ е признание за реформите


Поддршка од Кипар за почеток на преговорите со Европската унија и почнување на постапката за постигнување договор за избегнување на двојното оданочување се накусо двете главни поенти од денешната средба меѓу премиерот Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи на Република Кипар, Никос Кристодулидес.

Премиерот Спасовски на средбата, во негово име и во име на Владата, го истакна задоволството од неодамна воспоставените дипломатски односи со Република Кипар, и нагласи дека е од големо значење тоа што владите на двете земји се залагаат да се развие соработката во сите области од заемен интерес.

На средбата беше речено дека Северна Македонија е подготвена целосно да ги интензивира процесите за развој на добри пријателски и сеопфатни односи со Кипар, и во таа насока е првата иницијатива за потпишување на договор за ослободување од двојно оданочување помеѓу двете земји.

Премиерот Спасовски истакна дека посетата на министерот за надворешни работи на Кипар се совпаѓа со вчера објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, и дека тој извештај е признание и за земјите што цело време ја поддржуваа нашата земја во процесот за интеграција во ЕУ, меѓу кои е и Република Кипар.

Тој потенцираше дека извештајот на Европската комисија е охрабрувачки сигнал дека сите земји членки на ЕУ ќе постигнат согласност за позитивна одлука за отворање на преговори колку што е можно побргу како признание за реформите и за политичката одговорност на земјата да остане верна на европските вредности и на спроведувањето на договорот од Преспа и на договорот со Бугарија.

Министерот Кристодулидес на средбата изрази безрезервно уверување дека неговата земја, како и до сега, ќе го поддржи донесувањето на одлука за старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија и заради фактот на одржување на континуитетот на реформските процеси и за доследно спроведување на договорите со Грција и Бугарија.