Спасовски контра ВМРО-ДПМНЕ: Полицајците во Арачиново се однесувале недолично


Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска изјави дека нема пријава за тоа дека вооружена група избркала полицајци од пунктот во Арачиново, туку спротивно, имало пријава дека полицајци во Арачиново се однесувале, како што вели тој, недолично.

– Досега немаме таква пријава, ниту од полициски службеници дека некој им се заканувал и ги избркал, а ниту од граѓани, иако има пријава во полициска станица за недолично однесување на полициските службеници кои што биле на пунктот, рече Спасовски како одговор на новинарско прашање.

Според министерот, пренагласено е дека имало закани со оружје и  во МВР се работи на обезбедување службен материјал. 

– Факт е дека се појавуваат многу информации во јавноста во изминатиот период на кои ќе мора да реагираме, наведе тој.

Од синоќа во медиумите излезе неофицијална информација дека полициска патрола била протерана од скопско Арачиново од вооружена група бидејќи се дрзнале да ги легитимираат, а немале документи. Настанот не е потврден, затоа што не бил пријавен. Подоцна за ова се огласи и ВМРО-ДПМНЕ.