Спасовски: Ќе бидеме ригорозни кон тие што не се самоизолираат


Техничкиот премиер Оливер Спасовски оцени дека вонредната состојба е најдобра одлука за нас за да може Владата да носи уредби со законска сила. Според него на терен се се одвива како и вчера, освен во Дебар и Центар Жупа.

„Сакам да ве уверам дека денес неколку часа по одлуката за вонредната состојба ние сите заедно сме повеќе сплотени и стоиме пред предизвикот за одговорност. Оваа одлука е вистинска мерка за јавното здравје и животот на граѓаните. Ги преземаме сите мерки за заштита на граѓаните. Одлуките се во насока колку е можно помалку да се наштети на економијата и стопанството. Со овластувањата на Владата ваквите политики ќе може полесно да се носат .Вонредната состојба ќе ја совладаме на најдобар можен начин за успешно спречување и ширење на коронавирусот. Да ги почитуваме мерките и да се заштитиме себе и нашите најблиски. Да покажеме дека сме посветени да ги почитуваме мерките и да се справиме со состојбата со коронавирусот”, рече Спасовски.

Тој појасни дека вонредната состојба која трае 30 дена не значи дека ќе замре животот на граѓаните и дека правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам.

„Се продолжува да функционира исто како и вчера и нема нови рестрикции. Исклучок се само Дебар и Центар Жупа кои се жаришта на вирусот и таму има кризна состојба. Остануваат мерките за јавни собири и собирање во објекти во затворено. Јавноста за се што е ново ќе биде информирана на дневна основа. Упатувам порака до највозрасните, родителите, бабите и дедовците останете дома. Ако имате потреба обратете се во општината и во Црвениот Крст. Лицата кои ќе почувствуваат и најмали симптоми да се јават веднаш на телефонските линии на Центарот за јавно здравје. Не отстапуваме ниту педа да работиме за добро здравје на сите нас. Вонредната состојба значи само олеснување на состојбата и можност за носење сериозни одлуки”, појасни Спасовски.

Тој апелираше повторно до тие што потпишале изјави да бидат самоизолирани и да ги почитуваат мерките.

-Тука ќе бидеме многу ригорозни и строги и ако се загрозува здравјето на граѓаните секако дека ќе се применат и одредби од Кривичниот закон, посочи Спасовски.