Спасовски ја обвини Мизрахи дека намерно го крши Уставот за партиски цели


Пратениците во Собранието доцна вечерва ја почнаа расправата по предлогот за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Оливер Спасовски во образложението информираше дека побарал разрешување на Мизрахи од функцијата министер за труд поради серија јавни настапи на кои таа грубо го прекршила Уставот и законите, кои се однесуваат на почитување на уставното име Република Северна Македонија.

„Неизбежен е впечатокот дека министерката Мизрахи намерно го крши Уставот, со што во ризик го стави процесот на евроинтеграции на Република Северна Македонија. Мизрахи ја злоупотреби институцијата за партиски цели. Министерката Мизрахи се заколна дека својата функција ќе ја врши во согласност со Уставот и законите на Република Северна Македонија“, оцени Спасовски.

Тој порача дека граѓаните и државата не може да бидат заложници на однесувањето на Мизрахи кое го загрозува Договорот од Преспа, како и полноправното членство во НАТО Алијансата, но и почетокот на преговори за членство со Европската унија.

„Ако ја побаравте преодната Влада за да правите хаос не смее да ви се дозволи такво нешто. СДСМ и коалицијата покажаа во изминатиот период како се организираат избори и како демократски се раководи со државата. Времето на флоскули, лажни вести и на политичко калкуланство мора да заврши“, порача Спасовски.

Тој ја повика опозицијата да предложи нов кандидат за министер за труд и социјална политика во техничката Влада, чија основна задача е да организира фер и демократски избори.

Министерката Мизрахи рече дека уште од првиот ден била мета на напади поради тоа што е Еврејка.

„Сите напади се засилуваа со секој мој јавен настап на кои со докази презентирав дека системот е нефункционален. На крајот за да ги покријат сите криминали на Мила Царовска ме нападнаа мене за таблата. Не прашувајте ја Мизрахи, туку Царовска каде е новата табла во Министерството за труд и социјална политика“, рече Мизрахи.

Пратеникот Илија Димовски побара точката за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи да се симне од дневниот ред бидејќи таа не го прекршила Уставот и Преспанскиот договор.

Тој оцени дека Уставот и Преспанскиот договор во корист на Грција го прекршиле премиерот Оливер Спасовски и министрите на СДСМ тие го менуваат името на државата, надвор од роковите предвидени во Договорот со Грција.  Ваквиот предлог на Димовски не беше прифатен.

Според најавите расправата за разрешување на Мизрахи од функцијата ќе трае до доцна во ноќта. (Н.В.)