Спасовски: Избори пред евентуално враќање на корона кризата во септември


Фото: Б. Грданоски

Техничкиот премиер Оливер Спасовски смета дека избори треба да се одржат летово, заради најавите дека во септември повторно може да има криза предизвикана од втор бран епидемија од корона вирус.

– Јас не знам дали е идеално време во јуни да се одржат изборите, но мислам дека најавите дека може да се врати уште еднаш оваа криза, по септември, мислам дека е неопходно да се одржат што е можно побрзо парламентарните избори имајќи предвид дека на државата и се потребни функционални институции коишто ќе можат да носат одлуки за сите прашања од интерес на граѓаните – рече Спасовски на одбележувањето на Денот на Европа

Сепак, нагласува Спасовски, тоа ќе биде детерминирано и од развојот на здравствената криза.

– Очекувам дека ефектите од сите мерки, кои досега ги преземавме, се добри и дека ќе дадат уште подобри резултати и дека ќе се создадат услови за да можеме да одиме на Парламентарни избори. Дали тоа ќе биде јуни, дали ќе биде почетокот на јули, како и да е, ќе се донесе одлука врз основа на тие стручни анализи -додаде Спасовски.

За евентуално отворање на границите Спасовски вели дека тоа ќе зависи од околните земји, но од ситуацијата со епидемијата кај нас.

– Ние имаме план во однос на сите активности коишто ни се случуваат, односно сите работи кои треба да ги преземеме како мерки во наредниот период. Едно од тие прашања, е секако отворањето на границите. Тоа, нема да зависи само од нашата земја, туку ќе зависи од сите земји во регионот. Сè уште мислам дека треба да останеме тука и да не дозволуваме влез во Република Северна Македонија,  сè додека не се покаже и низ бројки и во државите во регионот, и внатре кај нас дека имаме намалување на епидемијата во рамки во кои можеме да дозволиме отворање на границите и слободно движење на граѓаните – вели Спасовски.