Спасовски: Институциите мора да ја преземат целосната одговорност


Во моменти кога партиите не можат да постигнат договор, институциите мора да ја преземат целосната одговорност и тоа беше и дебата на Советот за безбедност. Затоа сметаме дека овие 14 дена се период во кој треба да ги завршиме сите аспекти во делот со справувањето економската последици и со здравствената криза и за примена на сите мерки што ги презеде Владата за справување со пандемијата, изјаави премиерот Оливер Спасовски, по состанокот на Советот за безбедност.
Тој додаде дека на сите треба да ни биде јасно дека со пандемијата ќе мораме да научиме да живееме и понатаму и секој граѓанин мора да има одговорност.
„Уште поважно е дека ние мораме да имаме институции кои што се функционални, институции кои што ќе функционираат, ќе носат одлуки во интерес на здравјето на граѓаните, во интерес на економијата“, рече Спасовски.
Тој истакна дека институциите мора да преземат одговорност и во делот на одржување на парламентарните избори и на тој начин да се стават во полн демократски капацитет сите институции со Собрание, нова политичка Влада, која што понатаму ќе ги преземе сите активности за справување со здравствениот аспект на кризата, како и со економските последици. Тој додаде дека државата не смее да се остави без институции кои што ќе функционираат во полн капацитет.

„Тоа е неодговорно кон граѓаните, кон здравјето на граѓаните, тоа нема да биде одговорно ниту пред економијата, и затоа ова е нешто како неминовност што треба да го преземат сите институции“, рече Спасовски.