Спасовски: Има индиции за групата поврзана со грабежот на банката вчера, не е само со македонски државјани


Имаме одредени индиции за групата поврзана со грабежот на банка вчера, која е мешана, не е само со македонски државјани, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Кавадарци, одговарајќи на новинарско прашање за вчерашниот вооружен грабеж на банка.

Посочувајќи дека ова е трет случај од минатата година, тој нагласи дека кога станува збор за вооружените грабежи, начинот отприлика е ист. Спасовски не откри повеќе детали во интерес на истрагата.

Потсети дека покрај вооружените грабежи, имаше и такви од вработените или лица кои имаат пристап.

– Ги реализиравме до крај, тоа беа грабежот во Тутунска и Шпаркасе банка, изјави Спасовски и нагласи дека се работи многу посветено  за да се расчистат сите овие случаи.