Спасовски и Тренчевска на предновогодишна дружба со децата од јавните установи „25 Мај” и „11 Октомври”
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со дел од раководството на МВР, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, во Полицискиот центар ,,Ѓорче Петров“ присуствуваа на предновогодишна дружба со децата штитеници на јавните установи 25.Мај и 11.Октомври.
![]()
– Денешниов настан беше замислен како заедничко дружење со припадниците на Одделот за специјални полициски операции (ОСПО) и тоа со припадниците на Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица Тигар и Единица за обука и поддршка – посебна единица за поддршка. Припадниците на Одделот за специјални полициски операции приредија забавни активности за децата во кругот на Полицискиот центар, им ги презентираа полициските возила и опремата со кои секојдневно работат и ги запознаа со нивните дневни активности, соопштија денеска од МВР.
![]()
Притоа, како нивна долгогодишна традиција покажувајќи ја и овојпат својата хуманост на дело ги израдуваа децата со кондиторски производи од нивната маренда со лично издвоени средства. Најголемото воодушевување и радост за децата и присутните бил моментот на слетување на хеликоптерот на Одделот за воздухопловни единици на МВР со кој пристигна Дедо Мраз и се спушти по јаже за да им подели пригодни подароци.
Децата на заеднички ручек имале прилика да се запознаат и да поразговараат со министерот Спасовски и со министерката Тренчевска и по повод новогодишните празници во знак на благодарност им поклонија подароци изработени од нивните вредни раце.
Министрите во своите обраќања упатиле новогодишни пораки до младите гости.
Министерот Спасовски ги поздравил децата и им посакал добредојде во Полицискиот центар, при што ја истакнал важноста за раководството на МВР да се покаже и согледа хуманата димензија на полицијата, како крунисување на високото ниво на доверба на граѓаните во полицијата.
![]()
– Како Министерство за внатрешни работи ние сме секогаш тука за вас, затоа што само заедно ќе бидеме силни да оствариме едно побезбедно и поубаво место за живеење, и би ви порачал секогаш да го следите патот на чесноста, одговорноста и солидарноста, бидејќи тоа е вистинскиот пат кон реализирање на секаква цел. Во оваа пригода ја изразувам нашата максимална поддршка за секој еден од вас, рекол министерот Спасовски посакувајќи им убави празнични мигови и Среќна Нова 2023 година.
Покрај новогодишните подароци, министерот Оливер Спасовски за овој настан веќе традиционално неколку години наназад, лично ги донирал дневниците од службените патувања реализирани изминатава 2022 година и на директорките на Јавните установи „25 Мај” и „11 Октомври“ им подари два вредносни ваучери со кои ќе бидат купени два клима уреди за потребите на децата.
![]()
Од страна на министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, било истакнато дека и денешното предновогодишно дружење е во насока на тоа да се потврди дека никој не е сам и дека Владата и како институции, се тука за сите граѓани.
![]()
– Како Министерство во чија надлежност е грижата за ранливите категории на граѓани во континуитет посветено работиме на политики и мерки кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на сите. Децата и грижата за обезбедување на топол дом за сите, и услови за нивни правилен раст и развој е наш приоритет и сериозна обврска на која неуморно работиме, истакнала министерката Тренчевска.
![]()
Таа потсетила дека промените со социјалната реформа и процесот на деинституционализација вродија со плод, со тоа што ниту едно дете не остана во институција.