Спасовски и Манчевски пак потпретседатели, но ќе останат ли министри?


Следната седмица би можела да се одржи собраниската седница за разрешување на дел од досегашните членови на Владата и за именување нови министри или заменик-министри, откако премиерот Зоран Заев се наврати на идејата за владина реконструкција. Таа одлука Заев ја објави на седница на Централниот одбор на СДСМ во Охрид, отфрлајќи ги другите можни сценарија (враќање на мандатот или предвремени избори), што ги посочи откако завладеа неизвесноста околу одлуката на ЕУ за почеток на преговори со нашата држава.

Списокот со предлозите за нови министри, според најавите, би можел да биде готов кон крајот на оваа седмица, со оглед на тоа што во изминатиот период Заев имаше повеќе консултации на оваа тема со коалициските партнери, особено со Али Ахмети од ДУИ. Премиерот најави во Охрид дека со реконструкцијата ќе бидат опфатени не повеќе од осум министри, за да не се надмине една третина од моменталниот состав на Владата и да мора да се влегува во постапка како за избор на нов кабинет. Всушност, проценките се дека Заев ќе смени од пет до шест членови на кабинетот, вклучително со вицепремиерот Хазби Лика, чиј Секретаријат за Рамковен договор се укинува, а притоа не сметајќи ги министерот за култура Асаф Адеми, кој поднесе оставка и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој најави дека ќе се повлече од Владата за да се посвети на новата партиска функција како генерален секретар на СДСМ. Од друга страна, Заев ќе треба да предложи од седум до девет нови имиња за министри во ресорите што се испразнети или ќе се испразнат, вклучително со предлогот за прв министер во новиот ресор за политички систем.

Тековно, се очекува и смена на повеќе функционери во третиот ешалон, за што, според најавите, одлуки може да се донесат уште на денешната владина седница. Собраниската седница за избор на новите министри, пак, се најавува за следната седмица, поради отсуството на спикерот Талат Џафери, кој до четврток е во официјална посета на Кина, додека на 21 и 22 јуни ќе се одржува Европскиот самит, така што проценките биле дека може да се почека да заврши овој настан во Брисел пред да се официјализираат промените во владиниот тим.

Компетирањето на раководството на СДСМ, пак, веројатно ќе почека до завршување на владината реконструкција. Потоа, Заев ќе треба да избере нови потпретседатели на партијата, откако во неделата беше избран нов состав на извршниот одбор. Во ова партиско тело не влегоа тројца од доскорешните партиски потпретседатели – министрите за внатрешни работи и за информатичко општество и администрација, Оливер Спасовски и Дамјан Манчевски, и пратеникот Мухамед Зекири. Според проценки на високи партиски извори, токму овие тројца ќе бидат вратени на потпретседателските места. Како можен нов потпретседател се спомнува пратеникот Хари Локвенец, со оглед на тоа што во новиот состав на ИО на СДСМ немало претставник од Прилеп, освен што Дане Талески се враќа како секретар за меѓународна политика. Наводно, петтото потпретседателско место е „резервирано“ за жена, за што, според информациите, веќе било разговарано со личности од бизнис-секторот. Инаку, забележително во новиот состав на ИО е дека доминираат жени. Односно девет од новоназначените членки се жени, покрај заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, додека на другите осум места се поставени мажи. Ново име е професорката Тања Стојановска-Иванова, која претходно е кооптирана во партискиот ЦО, а едно време беше во ГРОМ. Во ИО влегоа тројца од доскорешните потпретседатели на партијата: пратеничката Фросина Ременски и градоначалниците на Штип и на Скопје, Благојче Бочварски и Петре Шилегов. На списокот ги нема доскорешните секретари Александар Кирацовски и Миле Зечевиќ. Од актуелните министри во ИО влегоа Рената Тренеска Дескоска и Драган Тевдовски, кои едно време се спомнуваа како можни кандидати за ротација или за реконструкција. Во највисокото тело на СДСМ се избрани и портпаролот и пратеник Костадин Костадинов и градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, но и досегашниот претседател на разгранокот во Битола, Васко Талески, каде што владејачката партија не помина најдобро на претседателските избори. Нови имиња во ИО се Есра Салихи, Ѓоко Танасовски, Весна Гершан, Салија Љатиф Петрушевска, Кети Василевска, Нина Велкова и Маринела Ојлеска.

Нов организациски секретар на СДСМ е Душко Весковски, кој ќе ја извршува професионално партиската функција и поради тоа ќе се повлече од директорското место во скопското ЈП „Водовод и канализација“. Од раководна позиција во локалната власт ќе се повлече и Мартин Попов, кој ќе биде директор на партискиот центар за истражување и анализи. Допрва треба да се избере и претседателка на Форумот на жени, како партиска функција што е можно исто така да се извршува професионално, за што се спомнува директорката на УЈП, Сања Лукаревска. (А.М.М.)