Спасовски: Годината ќе биде запаметена по корона кризата, но и по инвестициите во здравствениот систем


Сега имаме ресурси, сериозно надграден здравствен систем во однос на капацитети за сместување, медицинска опрема и знаења на здравствените работници. Имаме капацитет да се справиме и со овој актуелен бран. Од почетокот на кризата со корона вирусот на секој јавен настап повторувам една работа: вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на сите мерки кои ни ги кажуваат здравствените работници. Само заедно можеме да ја оваа состојба. Верувам дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни, многу помудри, ќе разбереме колку е важна граѓанската солидарност, поддршката на институциите, меѓусебното разбирање, граѓанската одговорност. Едноставно сметам дека по оваа криза ќе излеземе поголеми луѓе, рече претседателот на техничката Влада, Оливер Спасовски денеска во Струмица по увидот во завршните работи на новото крило на струмичката болница.

Подвлече дека друг излез од кризата не постои и затоа ниту една друга алтернатива, освен континуирани и соодветни добри здравствени политики коишто можат да се справат со вакви кризи.

-Со истото темпо продолжуваме понатаму. Оваа година ќе биде запаметена по корона кризата, но и по инвестициите во здравствениот систем и во здравствените работници, истакна Спасовски.

Образложи дека Владата ги зголемила платите на здравствените работници, вработувањата, максималната грижа за мотивираност на лекарите во јавното здравство, зголемен број на специјализации и уште многу достигнувања.

-Достигнавме историски рекордно ниво на примања во здравствениот сектор на здравствените работници. Заедно со сите зголемувања досега, вклучително и со зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40 проценти, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 проценти и на општите лекари за 25 проценти. А на здравствените работници за 15 проценти. Ова беше едно од нашите ветувања 2016 година и денеска можам да констатирам дека го исполнивме ова ветување. Ги зголемивме и процентите за исплата на дежурствата на здравствените работници, висината на капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија. Во изминатите две години дадовме и пет илјади согласности за вработување во здравствениот сектор за да имаме силен и стручен капитал во здравствениот систем. На правилниот и вистинскиот пат сме и така ќе продолжиме понатаму во годините пред нас, рече премиерот Спасовски.

За него новата нормалност, покрај заштитата на личното и колективно здравје и чување и јакнење на здравствениот систем, значи организирање на изборен процес согласно здравствените протоколи на надлежните институции, процес безбеден за граѓаните, за нивното здравје и за сите учесници во изборниот просец.

-Само така ќе обезбедиме услови да биде исполнето демократското право на граѓаните да гласаат на избори за да обезбедиме функционално собрание и нова политичка влада. Институциите имаат капацитет на денот на гласањето да ги обезбедат сите превентивни мерки коишто се потребни за целосна заштита на гласачите и на сите други учесници во изборниот процес. Гаранција дека изборите ќе бидат фер и демократски и дека волјата на граѓаните ќе биде легитимна има и од набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДХР, која потврди дека со свои набљудувачи ќе го следи изборниот процес, смета Спасовски.

На крајот уште еднаш ги повика граѓаните да се придржуваат на мерките за заштита и да ги почитуваат препораките на здравствените власти.

И министерот за здравство Филипче во своето обраќање истакна дека по три години интензивна работа, Струмица добива нов болнички објект и дека тоа го заслужуваат сите, здравствените работници, пациентите и граѓаните, не само на Струмица, туку и на целиот тој регион.
„Во оваа модерна болница, изградена со најмодерни материјали, со распоред според најразвиените светски болници, пријатно ќе се чувствуваат и ќе може квалитетна здравствена услуга да даваат здравствените работници, но и врвна медицинска услуга пациентите на коишто им е тоа потребно за многу кратко време и се на едно место. Оваа здравствена криза со која сега во овој момент се соочуваме, а тоа е корона вирусот покажа дека е исклучително важно да имаме модерни болници во којшто може за кратко време пациентите без многу лутање и на едно место да добијат здравствена услуга, а не да се препраќаат во околните болници во другите градови“, потенцираше министерот Филипче.
Тој рече дека Владата интензивно инвестираше во здравствениот систем, пред сѐ во луѓето, во платите, во приемот на нови лекари и медицински сестри, како и во младите лекари.

„Се зголемија платите на лекарите и тие сега изнесуваат помеѓу 80 и 160 илјади денари. Се примија на работа огромен број на лекари и медицински сестри. Издадовме над 5.000 согласности за вработување за само две години. Сите млади лекари добија шанса да работат тука, во здравствените установи во нашата земја. Да имаат платен стаж, да не се дискриминирани за прием по ниту една основа. Со овој интензитет и динамика ќе продолжиме и понатаму, заради тоа што нашите граѓани, нашата држава заслужува да има спремен и модерен здравствен систем, а нашите граѓани место кадешто од врвни експерти ќе добијат врвна здравствена услуга“, посочи министерот Филипче.

Директорот на Општата болница во Струмица, Гогов, на владините претставници им ја покажа новата градба, новиот проширен  дел, давајќи детали за капацитетот на медицинските и дијагностички услуги, кои тука, на едно место ќе бидат овозможени за граѓаните.
Директорот Гогов информираше детално за капацитетот од 85 кревети, од кои најголем дел електрични опремени со централен довод на медицински гасови, секоја соба климатизирана и со туш кабини.