Спасовски доби пофалби во Стејт департментот за справувањето на МВР со сајбер безбедноста


 

Министерството за внатрешни работи покажа исклучителна подготвеност во справување со сајбер закани, соработката со САД и НАТО сојузниците е клучна, истакнал министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на средбата со амбасадорот за сајберпростор и дигитална политика, Натаниел Фик во Стејт департментот во Вашингтон, соопшти МВР.

Потенцирајќи го ангажманот на МВР во развивањето и спроведувањето на силна дигитална политика и стратегии за сајбер безбедност како суштинско значење за заштита на нашите граѓани и инфраструктура, Спасовски ја нагласил подготвеноста за справување со сајбер заканите.

„МВР на Македонија покажа исклучителна подготвеност во справувањето со овој вид на закани, при што се формираше меѓу секторска криминалистичка обработка помеѓу Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за компјутерски криминал и Секторот за меѓународна полициска соработка, со цел успешно справување, размена на информации, обезбедување на електронски докази, размена на информации преку меѓународните канали (Интерпол, Европол), контакт со меѓународни Интернет Сервис провајдери, VPN сервиси и др. Со ова на ум, сакам да споделам некои од клучните области на кои нашето министерство се фокусира“, истакнал министерот Спасовски.

Притоа, тој го информирал амбасадорот Фик за националните капацитети и унапредувањето на меѓународната соработка на стратешко ниво.

„Меѓународната соработка и партнерство се камен темелник на нашата стратегија. Соработката со сојузниците и партнерите од НАТО, со Соединетите Американски Држави, е клучна за размена на информации, ресурси и најдобри практики. Ние сме ангажирани да градиме и учествуваме во мултилатерални иницијативи за да се спротивставиме на сајбер заканите на координиран и ефикасен начин. Тоа особено беше евидентно за време на хибридните напади изминатата година, со лажни дојави за екплозивни направи во над 700 државни објекти, а за кои реагиравме и успешно се справивме со воспоставување на посебни безбедносни протоколи“, истакнал Спасовски.

Притоа, Спасовски изразил формално барање за натамошна поддршка и помош во развивањето на системот за сајбер безбедност и заштита на критичната инфраструктура на Македонија, области чие што значење и безбедност се еден од приоритетите на државата.

Од страна на амбасадорот Натаниел Фик, како што енаведено во соопштението, бил поздравен успехот со изградбата на ИКТ центарот во Прилеп кој овозможува заштита на дигиталните податоци на државните институции.

Тој му честитал на министерот Спасовски за успехот во организацијата и гарантирањето на безбедноста на Самитот на ОБСЕ во Скопје, при што истакнал дека продолжува унапредувањето на соработката помеѓу САД и Македонија.