Спасовски – дежурен критичар на судот
Ниту од Кривичниот суд, ниту од Специјалното јавно обвинителство нема реакција на изјавата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за критиките кон правосудните органи откако осомничениот бизнисмен Орце Камчев доби времен пасош за да учествува на седница на некој управен одбор и на мистериозна едукација во странство. Министерот и во своето обраќање и потоа во изјава за медиумите, без да го спомене Камчев, многу директно порача дека нема борба со организираниот криминал сè додека судот пушта на слобода транснационални криминалци.
„Нема финансиски истраги, нема борба против организираниот криминал и корупција ако тие врски на поединци кои го рушат угледот на овие институции, сè повеќе јакнат и на тој начин спречуваат директно водење на постапка и финансиски истраги. Ова можеби е чудно, можеби е смешно, но јас го кажувам затоа што многу пати досега искусивме МВР да ги апси сабајле, судот да ги пушта попладне, МВР да апси за кривични дела, Обвинителството да вика водете го случајот по редовна постапка. Ако не ги разбереме сите и ако не ги сфатиме, нема напредок на државата и залудни ќе ни бидат сите овие напори“, рече Спасовски во своето обраќање. Потоа во изјава за медиумите рече дека има случаи на кои МВР работи интензивно на сузбивање на одредена криминална група и кога ќе завршат сите постапки и ќе се приведат осомничените, судот или ќе ги пушти од притвор или ќе им определи куќен притвор.
„Не зборувам за криминалци од помал обем, зборувам за транснационални криминалци, криминалци како дел од владејачките структури коишто биле во Македонија и кои можеби се и сега, криминалци кои имаат силни бизнис врски, силни меѓународни врски“, рече Спасовски, алудирајќи на бизнисменот Камчев.
Критиките на Спасовски кон судството почнаа од бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Иако се води истрага, досега Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција не утврди која институција потфрлила во бегството – Министерството за внатрешни работи, Кривичниот суд или Специјалното јавно обвинителство. Неутврдувањето на одговорност им даде дозвола на институциите да се амнестираат себеси и да даваат политички изјави со кои одговорноста ќе ја префрлат кај другите институции. За бегството на Груевски, Спасовски изјави дека одговорноста не треба да се бара во МВР, туку кај Кривичниот суд кој не му одреди притвор на поранешниот премиер.
Слична изјава за судот Спасовски даде и кога Судскиот совет одлучи да не дозволи да му биде одреден притвор на судијата за кого Обвинителството отвори истрага. Спасовски тогаш рече дека „не е прифатливо МВР да отвора случаи, да ги води, да дојдеме до ситуација на покренување истрага, апсења и по неколку часа тие исти луѓе да бидат пуштени од страна на судот“.
Спасовски реагираше и на пресудата на Апелацискиот суд којшто му ја намали казната затвор на три години на возачот кој ја прегази студентката од Крива Паланка, Фросина Цековска.
„Одлуки на суд не коментирам. Но ова што се случи со студентката од Крива Паланка покажува колку треба да се реформира судството. Судски одлуки не се коментираат, но за судски одлуки кои се лоши за државата и поединецот, заслужува да се реагира. Минавме тежок период од 11 години кога правилата станаа исклучоци, а исклучоците правила, во кој се промени менталитетот на граѓаните“, рече тогаш Спасовски. Пред Нова година тој рече дека е разочаран и од работата на Специјалното јавно обвинителство кое токму тогаш го пушти во куќен притвор бизнисменот Камчев.
Изјавите на Спасовски предизвикуваат внимание бидејќи не само што е многу важен министер, туку е и близок соработник на премиерот Зоран Заев. За поранешниот помошник директор на Бирото за јавна безбедност, Љубомир Ѓурчески, ваквите изјави на министерот се мешање на власта во работата на судовите и вели дека ако министерот смета дека некоја судска одлука е спорна, може да реагира на институционално ниво.
„Ако МВР некаде оценило дека има елементи на злоупотреба на службена положба во донесување на судски пресуди и одлуки, должно е веднаш да го извести обвинителството за да може обвинителството по службена должност, преку Судскиот совет на Македонија, да си поведе постапка за злоупотреба на службена положба ако зборуваме веќе за право и правна држава“, вели Ѓурчески. (Ф.Ф.С.)