Спасовски: Безбедносната состојба на државните граници е стабилна


Висока делегација на МВР предводена од министерот Оливер Спасовски, при работна посета во Женева, денеска оствари работна средба со Антонио Виторино, генералниот директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Министерот Спасовски упати благодарност до Виторино, како и до претставниците на Меѓународната организација за миграции кои директно се присутни на македонско-грчката граница, во Привремениот центар за мигранти каде што обезбедуваат поддршка и помош на мигрантите.

Спасовски информираше дека во моментов оценките се дека безбедносната состојба на државните граници е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период. Од тие причини, особено внимание се посветува на раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница, спречување на криумчарењето на мигранти, сузбивање на криминални групи кои вршат криумчарење, идентификација на потенцијални жртви на трговија со луѓе и ранливи категории на лица меѓу мигрантите, стои во соопштението на МВР.

,,Очигледно дека за справување со зголеменото движење, не се доволни само национални мерки, туку продолжување и натамошно зајакнување на заедничкиот пристап на засегнатите земји кој ќе вклучува оперативна соработка, поддршка во јакнењето на националните капацитети, но и соработка со земјите на потекло. Во таа насока меѓу нашите главни приоритети е продлабочување и оддржувањето на меѓународната соработка – со земјите од регионот, со земјите на транзит и потекло, со агенциите на ЕУ (во прв ред Frontex, Europol, EASO), на Обединетите Нации (IOM, UNHCR) како и релевантни меѓународни организации (OSCE, ICMPD, DCAF)“, потенцираше Спасовски.

Генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино упати искрена благодарност за заложбите на Министерството за внатрешни работи и до Владата на Република Северна Македонија за реализираните заеднички проекти.

Во периодот од 15-16 ноември 2022 година во Скопје, ќе биде реализирана ,,Министерската конференција за одржливо управување со миграциите во Западен Балкан“, во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Чешка Република со поддршка од ИОМ – Меѓународната организација за миграција. Целта на оваа конференција ќе биде да се опфатат сите теми кои ги засегаат земјите од Западен Балкан и меѓународните организации кои ќе земат учество и, воедно создавање подобра синергија помеѓу земјите за справување со миграцијата.