Спасовски апелира да не се злоупотребуваат мерките

Премиерот Оливер Спасовски во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ апелираше до сите граѓани да се однесуваат одговорно во новонастаната ситуација со коронавирусот.Тој апелираше до работниците да не ги злоупотребуваат мерките за отсуство од работа, а до работодавачите да ги почитуваат препораките.

– Повеќе од сигурно е дека треба да бидеме сите на висина на сопствената одговорност. Затоа апелираме до граѓаните да бидеме сите одговорни и да ги почитуваме препораките. Да биде одговорна бизнис заедницата во однос на хигиената и да ги почитуваат препораките колку што им дозволува производствениот процес. Апелирам и на одговорност од родителите, бидејќи имавме ситуации кога и едниот и другиот родител сакаат да го користат правото за отсуство. Затоа ги допрецизиравме одредбите дека ако треба ќе бидат повикани на работа. Ова не е состојба за искористување, рече Спасовски.

Додаде дека во овие услови во кои сите се бориме со справување со состојбата, никој не смее да биде тој кој ќе профитира на грбот на граѓаните.За државните резерви, Спасовски рече дека има доволни и оти во одреден момент може да бидат искористени за потребите на граѓаните.

– Сега сме далеку од тоа, истакна Спасовски, апелирајќи до граѓаните дека сега нема потреба се што имаат во домашниот буџет да го искористат за складирање на прехранбени продукти.