Спасовски: Ако ги бојкотира изборите, ВМРО-ДПМНЕ да се повлече од техничката влада


СДСМ во текот на денот треба да излезе со став за изборниот процес откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека 15-ти јули е првиот можен термин за избори. Ставот на социјал демократите го најави техничкиот премиер Оливер Спасовски во неговото гостување во „Утрински брифинг“.

„СДСМ покажа дека за секое прашање во државата има свои јасни политички ставови од кои не отстапува туку влегува во една нивна реализација. Ние разговаравме во раководството на партијата, денеска продолжува нашиот состанок во однос на овие теми и нормално дека СДСМ ќе излезе со став во делот на изборниот процес. Јас не можам да разберам, не го разбирам ниту Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ, не можам да видам од сите тие нивни соопштенија и обраќања, кога тие всушност би посакувале да има избори. Ние се навикнавме на тоа дека нашата опозиција нема ставови за клучните прашања и тоа не ме изненадува, но мораме да имаме висока свест во оваа здравствена и економска криза, рече Спасовски.

Тој немаше конкретен одговор на прашањето дали се приближуваат кон компромис околу датумот за избори. СДСМ, рече Спасовски, посакуваат сите партии да бидат дел од изборите.

„Јас реков дека денеска ќе го имаме ставот на СДСМ. Како демократска партија СДСМ посакува да бидат сите дел од изборниот процес, сите заедно да излеземе да ги вкрстиме концептите пред граѓаните. Ние сме убедени дека концептот кој претставува јасна визија за напредокот на Северна Македонија, кој покажува храброст во реализацијата на таа визија и нуди сигурност за граѓаните, ќе ја добие таа битка. Важно е тој демократски капацитет да остане во фокусот на вниманието на сите политички субјекти“,одговори Спасовски.

Во случај ВМРО-ДПМНЕ да се реши на бојкот, тогаш нејзините функционери, според техничкиот премиер, треба да се повлечат од Владата од морални причини.

Спасовски уште еднаш го потврди ставот дека доколку нема договор помеѓу партиите кој ќе биде постигнат во рамки на Уставот и законите, тогаш датумот за избори останува 5 јули.