Спасеновски: Уставните измени се реалност за евроинтеграцијата

На таквата реалност ќе мора да се прилагодат политичките лидери по изборите и по формирањето на новата влада, вели Александар Спасеновски


 

Преземената обврска од страна на актуелната власт за уставни измени тешко ќе биде исполнета од сегашното Собрание, но нема да заврши со мандатот на овој парламентарен состав туку ќе биде обврска и на идната влада што би била формирана по изборите, смета Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Независно како ќе тече расправата во Собранието, карактерот на преземената обврска од страна на власта не тера да заклучиме дека ова не е нешто кое ќе заврши со завршување на мандатот на Собранието, туку ова е обврска која ќе биде присутна и на идната влада, а таа е тесно поврзана со процесот на евроинтеграцијата. Ова е реалноста, и на таквата реалност ќе мора да се прилагодат политичките лидери по изборите и по формирањето на новата влада“, изјави Спасеновски во емисијата Клик плус на ТВ 21.

Според него, станува збор за исклучително тешка состојба во која се наоѓа државата. Од една страна се легитимните стравувања на граѓаните поврзанни со барањата кои би можеле да дојдат од офцијална Софија по усвојувањето на уставните измени, а од друга страна исполнувањето на стратешката цел за интеграција во ЕУ.

„Стравовите на граѓаните се сосема легитимни. Бугарија не е идеален сосед од скандинавски тип. Ние си имаме работа со политика на отворена конфронтација кон Македонија и постојано создавање на проблеми од страна Софија кон Скопје. Но, од друга страна имаме многу важна национална и државна цел – интегрирање во ЕУ. Не можеме да си дозволиме луксуз и на неодреденио време да го прекинеме процесот на евроинтеграции, бидејќи тоа е една од најважните национални и државни цели“, изјави Спасеновски. 

Александар Спасеновски се споменува како еден од можните кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата. Пред некој ден потпретседателот на партијата, Александар Николоски, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ниту по изборите нема да ги прифати уставните промени „под бугарски диктат“.