Спасеновски од „Макпетрол“ добро се претстави на Светската карате лига во Париз
Членот на клубот „Макпетрол“, Петар Спасеновски, прикажа добри борби на Светската Карате 1 Премиер лига во Париз, Франција. Тој беше близу до пласман во четвртфиналето. Спасеновски имаше одлична борба со Андриј Торашанко од Украина која заврши 2-2, а победата му избега на две секунди пред крајот.
И во вториот настап, исто така, прикажа добра борба и беше близу до победата и при водство со 3-2, а по преглед на акција, загуби 3-4 од Јапонецот Јунја Ето. Во третата борба, со Германецот Јане Хауболт, не дозволи изненадување и славеше со 3-1. На крајот го зазеде второто место во групата. Прво место му припадна на Ето (Јапонија)
На Премиер лигата настапуваат 32 најдобри каратисти во светот. Во елиминацискиот дел секој спортист има три задолжителни борби во својата група. Потоа само прворангираниот во групата ги продолжува борбите во четвртфиналето. Во Париз учествуваат вкупно 380 каратисти од 70 држави.
Тренерот на „Макпетрол“, пак, Петар Заборски на првенството во Париз успешно го положи испитот за највисока тренерска лиценца која се издава од WKF (Светската карате федерација).