Спас од насилство побарале 35 жени во Регионалниот центар во Кавадарци


Спас од насилство минатата година побарале 35 жени во Регионалниот советувалиштен центар во Кавадарци. На 240 припаднички на понежниот пол им биле потребни услуга или совет од социјалната работничка, 35 ја користеле помошта од психолог психотерапевт, а 93 жени побарале бесплатно правно советување. Од Регионалниот советувалишен центар во изјава за МИА посочуваат дека семејното насилство, особено насилството кон жената, е проблем на којшто треба континуирано да се работи, со цел да се застане на патот на насилството и ниедна личност да не биде жртва на било какво насилство. 

Во процесот за воспоставување на помош и поддршка при случаи на семејно насилство и родово базирано насилство, Регионалниот советувалишен центар Кавадарци работи согласно стандардите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, а раководено е од Здружението за родова еднаквост „Визија“ од овој град. Советувалиштето нуди услуги за сите жртви на насилство. ТФункционира регионално и финансирано е од општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. 

– Нашата социјална работничка ја има улогата на советник и дава поддршка за остварување на социјалните права, собира информации, врши проценка на ризици и теренско работење преку придружба на корисничките до соодветните институции. Таа води досие на секоја корисничка на нашите услуги, ја упатува таму каде што е неопходно за да биде заштитена, вели Благица Коцева Тодорова, претседателка на „Визија“. 

Коцева Тодорова појаснува дека социјалната работничка има директна соработка со надлежните институции како Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални работи, Основното јавно обвинителство, здравствените установи, училиштата, хуманитарните организации и слично.

-Таа ја следи и евалуира состојбата на секоја од корисничките на нашите услуги и по завршувањето на соодветниот третман од наша страна, преку помош и поддршка за нејзино реинтегрирање и зајакнување, приспособување за самостоен живот. Како личност, помага во економско јакнење преку советување, менторство и градење на нови вештини и преквалификации за полесно интегрирање на пазарот на трудот, истакнува претседателката на „Визија“. 

Коцева Тодорова подвлекува дека освен помошта од социјалната работничка што ја добиваат жртвите на насилство, во советувалишниот центар многу е важна и поддршката што ја имаат од личноста вработена како психолог или психотерапевт. 

– Сите жртви на насилство на кои им помагаме, имаат можност на психосоцијална интервенција. Планот за психолошка поддршка се врши по претходна проценка за конкретен случај. Даваме психосоцијално советување, третман во согласност со индивидуалните потреби на корисничките на нашите услуги, практикуваме и психосоцијален третман и поддршка во група или групно советување, работиме со деца жртви и сведоци на семејно насилство, појаснува таа. 

Коцева Тодорова вели дека во Центарот има можност за бесплатно правно советување. Правничката обезбедува подготовка на жалби и други документи за управни постапки, врши теренска работа и придружба на корисничките на услугите до институциите и другите организации, комуницира и соработува со надворешни адвокати и обезбедува право за бесплатна правна помош.

– Стручниот тим ангажиран во Регионалниот центар, во сите случаи кои побарале помош, има постапено преку индивидуална проценка и изготвено индивидуален план за работа. Планот за работа и динамиката секогаш ја усогласуваме според желбата и подготвеноста на клиентката, а во меѓувреме работиме на нејзино психолошко јакнење. Во голем број случаеви се случува барателката на услуга да се откаже на одреден период, но слободно може да го продолжиме процесот кога ќе биде подготвена без никакво осудување, истакнува таа. 

Како едни од најголемите проблеми што се јавувале биле економската зависност и неможноста за воспоставување на самостоен живот, посебно кога во бракот или партнерската заедница има и малолетни деца. 

– Со таа цел вклучуваме дополнително менторство преку поврзување со Агенцијата за вработување и редовно следење на програмите и мерките за вработување и до-обучување, заради обезбедување финансиска стабилност и независност. Во редовни комуникации сме со здравствената установа Негорци, заради обезбедување на психијатриски третман на кориснички со нарушено ментално здравје, но исто така и заради следење на состојбата на сторители, сместени на лекување во институцијата, подвлекува Коцева Тодорова. 

Таа потсетува дека регионалниот центар за помош на жени жртви на семејно насилство е наменет за услуги на жени од четирите општини, но и покрај тоа доколку имале дојава од жена која живее надвор од овие општини, преку совети и потребни контакти, ја упатувале и изнаоѓале начин за помош и поддршка во кризни состојби.

Жена жртва на насилство по 30 години решила да се разведе од сопругот  

Коцева Тодорова вели дека нивната секојдневна работа е многу специфична, полна со емоции и сведоци се на најразлични животни судбини. Во еден таков случај, тие имале за задача да подготват правна документација, тужба за развод на брак на жена, која после 30 години во брак со зависник од алкохол, решила да стави крај на таквиот живот.

– Во друга ситуација, наша активност беше да обезбедиме правна помош и пријавување на насилникот за сторено тешко кривично дело физичко насилство со загрозување на животот на една жена, преземени се мерки за заштита со отстранување на жртвата од насилната средина и сместување кај нејзината мајка, поднесено е барање за изрекување на привремени мерки за заштита, обезбедување на медицинска документација заради понатамашно постапување. Во врска со овој случај, жртвата беше застапувана од нашиот правен советник адвокат, Билјана Ташева, на судско рочиште, појаснува Коцева Тодорова. 

Во текот на минатата година регистрирани и третирани од полицијата се 218 случаи на семејно насилство повеќе во однос на претходната година.

Во друг случај неопходни биле редовни консултации со вработени инспектори во МВР заради координирање и соодветно постапување, во семејство каде имало целосно нарушување на семејните односи меѓу сите членови од фамилијата. Таму мајката била жртва не само на сопругот, туку и на синовите,  долгогодишни зависници од алкохол и психотропни супстанции.

– Од страна на правната советничка поднесени се жалби до надлежните судови, за одлуки кои се во спротивност на интересите на жената која пријавила насилство. Поднесуваме барања за финансиска помош од страна на општините и општинската администрација за жената, доколку во моментот кога ја напуштила насилната средина не е во работен однос и нема можност да се грижи за себе и за своите деца. Во секој случај кога имаме пријава и кривично гонење на сторителот, во постојан контакт сме и со обвинители од страна на ОЈО, со цел за попрецизно согледување на реалната состојба во текот на подготовка на обвинителниот акт, појаснува Коцева Тодорова. 

Во координација со жени претприемачки од проект на Вардарски плански регион добивале сознанија за можни работни ангажирања и развивање на обуки и вештини за поголема можност за работно ангажирање и економско зајакнување на жените жртви на семејно насилство. 

Во меѓувреме, постојано работеле на промоција на советувалиштето и континуирана едукација на стручниот тим. 

– Советувалиштето се промовира со цел информирање на целната група, за постоењето на Регионалниот советувалишен центар да допре до секој граѓанин од четирите општини. Со таа цел Здружението заедно со тимот на вработени во советувалиштето има одржано 10 средби во сите четири општини. Презентирањето ни е и со делење флаери, изготвување на постови споделувани преку социјалните мрежи и едукативни работилници во руралните средини. Промоцијата се одвива тековно од самото отворање на советувалиштето пред околу три години и продолжува понатаму. Заради обезбедување на поквалитетна услуга, стручниот тим од советувалиштето е во партнерство со слични организации што работат на полето на семејното насилство и редовно посетува обуки и настани што ги обработуваат овие теми, споделува Коцева Тодорова. 

Таа апелира на ваквите сервиси на услуги на државно ниво да им се реши статусот со цел континуирано финансирање, за да не дојде до проблеми при промена на општинските власти и евентуално доведување во прашање на одржливовста на центрите како тој во Кавадарци. 

Светлана Дарудова