„Спартанците“ со чудо во „Стожице“: Македонските одбојкари ја совладаа Словенија за втора победа на ЕП!


Македонската одбојкарска репрезентација дојде до огромен успех на ЕП, откако вечерва успеа да ја совлада репрезентацијата домаќин и еден од фаворитите во нашата група, екипата на Словенија и тоа со 3:1 во сетови, со што освојува нови три бода на ЕП.

По разочарувачките порази од Финска и Турција, потоа очекуваниот пораз од европскиот првак Русија, нашата репрезентација вчера ја совлада репрезентацијата на Белорусија, а денеска го приреди веројатно најголемото изненадување на турнирот совладувајќи ја Словенија која важеше за фаворит, а воедно е и домаќин на оваа група од ЕП.

Одлична и пожртвувана игра прикажаа избраниците на Никола Матијашевиќ предводени од капитенот Никола Ѓоргиев. Оваа победа е огромно чудо, нешто што никој не го очекуваше, но популарните „Спартанци“ повторно направија подвиг кога сите се откажуваа од нив, а сега со право се радуваат на овој огромен успех.

Нашата репрезентација фуриозно го отвори првиот сет, постојано водеа со пет или шест поени разлика, но пред самиот крај, при 23:19, селекторот Матијашевиќ повика тајм-аут, а потоа Словенија направи серија со која го израмни резултатот и се влезе во неизвесна завршница. Но, на крајот сепак сетот ни припадна нам и со 26:24 поведовме со 1:0.

Вториот сет беше спротивност на првиот. Словенците имаа водство, а ние бркавме негатива. Нашите репрезентативци успеаја да израмнат при 22:22 за нов драматичен финиш на сетот. По ова, повторно подобро се снајде нашата репрезентација која успеа да ја искористи дури шестата сет топка за 30:28 и огромно водство од 2:0.

Во третиот сет двете репрезентации постојано се менуваа во водство. Словенците отворија подобро, потоа ние со една серија поведовме со три поени, но потоа Словенците возвратија и со одлични напад и одбрана го освои сетот со убедливи 19:25 за 2:1 во сетови.

Во последниот сет имаше големи осцилации во нашата игра. Нашите одбојкари имаа минимално водство на почетокот, а потоа Словенците го преземаа водството. И покрај големиот број грешки, нашите репрезентативци не се предаваа. Словенците поведоа со 23:20, а потоа имаа и 24:21, па кога сите во „Стожице“ видоа израмнување на 2:2, Словенците не успеаја да искористат три сет топки и направија неколку сервис грешки. Владо Милев израмни на 24:24, а на крајот со одличен блок нашата репрезентација ги постави конечните 26:24 за огромни 3:1 и нова историска победа на македонската репрезентација на ЕП.