Финти за ДДВ: Спакувај ми заедно, дај ми две сметки


Граѓаните смислуваат начини како државата да им врати поголем износ на ДДВ. Иако официјалниот старт на проектот за враќање на 15 отсто од платениот ДДВ стартуваше од вчера, за големите купувања над 500 евра веќе се прават планови за делење на сметките, како на пример – троседот да се купи на една, а фотелјата на друга сметка. Со тоа, на двата износи ќе има поврат на дел од данокот, зашто на 30.000 денари е ограничен највисокиот износ на поединечна фискална сметка, за која може да се оствари правото на враќање на данокот.

Проектот е врзан со користење на апликацијата за паметен телефон „Мој ДДВ“, која наједноставно се симнува од интернет страницата на Управата за јавни приходи (УЈП). Ако немаат таков телефон или ако поради различни причини не можат сами да ги скенираат сметките, граѓаните може да побараат помош во даночните канцеларии и шалтери на УЈП низ државата каде што се поставени специјални киоск-апарати, баркод-читачи и има паметни мобилни телефони. Оние што имаат телефони „ајфон“ сè уште не можат да ја симнат апликацијата.

„Очекуваме во наредните денови апликацијата да биде достапна за преземање и од ‘Епл стор’ за корисниците од оперативниот систем ‘ИОС’ бидејќи станува збор за мултинационална компанија која работи со посложени административни процедури при поставување на апликациите“, објасни директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Таа ја отфрли забелешката за доцнење со целата постапка за поврат, зашто иако најавен во изборната програма, законот беше донесен минатиот четврток, по скратена постапка.

„Овој закон е прв во регионот. Се усогласувавме со Министерството за финансии за да донесеме решение кое ќе биде соодветно. Сметам дека навремено ги завршивме сите обврски“, рече Лукаревска

За да може да добијат поврат на дел од платениот данок, граѓаните треба да имаат над 15 години, да поседуваат документ за идентификација, своја трансакциска сметка и да се регистрирани на системот на Управата за јавни приходи за персонален данок на граѓаните: е-ПДД, зашто за најава во апликацијата „мој ДДВ“ ќе ги користат истите имејл и лозинка од е-ПДД.

Проектот е од редот на оние за борба против сивата економија, а Управата очекува граѓаните да инсистираат да им се издаваат фискални сметки и да избегнуваат да купуваат на места каде што не се издаваат фискални сметки.

„Важно е да ја намалуваме сивата економија од година во година. Не може да очекуваме тоа да се случи веднаш, туку тоа е долготраен процес, а ова е само една мерка што ќе придонесе“, кажа Лукаревска не сакајќи да прејудицира какви било бројки за намалувањето на неформалната економија пред декември, кога се очекува првото враќање на парите од ДДВ.

„Системот не ги регистрира невалидните фискални сметки, кои немаат баркод. Ако граѓаните сакаат да ги пријават продавачите што не издаваат валидни фискални сметки, тоа може да го направат на телефонскиот број 198, преку анонимна пријава или да дојдат во УЈП“, укажа Лукаревска објаснувајќи дека невалидни сметки се компјутерските, без баркод.

Едно физичко лице годишно може да врати најмногу 7.200 денари, а четиричлено семејство 28.800 денари.

 

Пензионерите први на шалтерите на УЈП

Пензионерите уште од рано наутро, на првиот ден од стартот на новиот проект за враќање на дел од платениот ДДВ на граѓаните, во голем број дошле во регионалната дирекција на УЈП во Скопје за да прашаат како да дојдат до враќање пари.

„Пензионерите, како посебна целна група, ќе бидат преземани во организациските единици на УЈП со тоа што ќе ги регистрираме, затоа што доаѓаат огромен број пензионери. Еве и денеска рано наутро доаѓаат, сакаат да се регистрираат, ги запознаваме со условите и предусловите на апликацијата на проектот. Преку баркод-читачите, преку паметните телефони тука и киоск-апаратите, ќе им олесниме“, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Пензионерите, кои не се вешти за работа со паметни телефони, можат да дојдат во онаа даночна канцеларија, шалтер или одделение на УЈП што им е најблиску и таму ќе им биде објаснет целиот проект.

Анита Салтировска