Црна Гора: Спаиќ најави одложување на пописот за еден месец


 

Мандатарот за состав на црногорската влада Милојко Спаиќ најави дека новата извршна власт заедно со парламентарното мнозинство ќе предложи одложување на пописот на населението за еден месец.

Пописот е закажан за периодот од 1 до 15 ноември.

Лидерот на Движење Европа, Спаиќ истакна дека за легитимитет на пописот важно е учеството на опозицијата во пописните комисии.

„Исто така, одложувањето на пописот за период од еден месец, што се совпаѓа со празниците, би овозможило да учествуваат и оние граѓани кои отсуствуваат од местото на живеење, поради сезонска работа во друга црногорска општина или оние кои привремено престојуваат во странство“, посочи Спаиќ.

Тој најави дека заради легитимитет, а податоците да бидат несомнени, ќе предложи и воведување посебен софтвер со кој секој граѓанин ќе може да изврши контрола откако попишувачот ќе ги земе податоците, со што би се спречила секаква измама и наводна пристрасност на попишувачот.