SpaceX воведе ограничувања за некои услуги на Starlink во Украина
SpaceX воведе ограничувања за одредени услуги на Starlink во Украина, оневозможувајќи ја воената верзија на системот при движење со брзина поголема од 100 милји на час (160 км/ч). Ова предизвикало пречки за време на борбени мисии, изјави во средата Серхиј Бескрестнов, советник на украинскиот претседател.
„Нашите одбранбени сили не добија никакво предупредување за ова ограничување, а тоа доведе до неуспех на неколку мисии“, напиша тој на Телеграм. Извор од 7-миот корпус за брз одговор, распореден на југоисточниот фронт, исто така потврди дека имало проблеми со функционирањето на Starlink, пренесува Ројтерс.
И покрај тоа, украински дронови денес го погодија најголемиот руски центар за податоци
„Сбербанк“, кој е еден од водечките руски развивачи на технологии за вештачка интелигенција со својот модел „GigaChat“. Нападот се случи во регионот Саратов, лоциран долж реката Волга. Сепак, нападот не го попречи функционирањето на нејзините системи, соопшти висок претставник на финансиската институција.
Нападот се случи во регионот Саратов, лоциран долж реката Волга, по три напади извршени во текот на изминатата недела врз центри за податоци на руската технолошка групација „Јандекс“ (Yandex). Украина наведува дека нејзините акции се одговор на руските напади врз украинските центри за складирање и обработка на податоци.
„Потврдуваме дека центарот за податоци беше нападнат. Истовремено, сите системи и услуги на ’Сбербанк‘ функционираат нормално и без прекин“, изјави за новинарите Александар Ведјахин, прв заменик-претседател на Извршниот одбор на банката.
Покрај својот главен конкурент на домашниот пазар, „Јандекс“, „Сбербанк“ е еден од водечките руски развивачи на технологии за вештачка интелигенција. Двете компании го делат домашниот пазар преку нивните соодветни модели – „GigaChat“ на „Сбербанк“ и „YandexGPT“ на „Јандекс“. Двете фирми имаат вложено значителни средства во развојот на сопствени модели на вештачка интелигенција, но заостануваат до девет месеци зад глобалните лидери од САД и Кина.Една од причините за тоа се западните санкции, кои го попречуваат пристапот на Русија до најсовремената опрема потребна за развој на вакви технологии. Во целниот центар треба да биде сместен најмоќниот руски суперкомпјутер.
Во 2024 година, руската државна новинска агенција „РИА Новости“ објави дека центарот на „Сбербанк“ во градот Балаково – кој зафаќа површина од 55.000 квадратни метри – ќе биде дом на најголемиот руски суперкомпјутер. Според објавените планови, предвидено е објектот да започне со работа во 2027 година. Објектот се наоѓа во непосредна близина на нуклеарната централа „Балаково“ и хидроелектраната „Саратов“. Ниту „Јандекс“, ниту „Сбербанк“ не соопштија дали некои суперкомпјутери биле оштетени за време на украинските напади.