SpaceX успешно лансираше GPS сателит од новата генерација кој ќе се користи и за воени цели


Компанијата SpaceX успешно лансираше нов GPS сателит во орбитата, за потребите на американската војска, пренесува CNN.

Лансирањето на новиот GPS сателит ги продолжува напорите за зајакнување на констелацијата на сателити за глобално позиционирање и навигација, кои се користат за воени операции и многу повеќе.

GPS сателитот беше лансиран со помош на ракета Falcon 9 од Кејп Канаверал, Флорида, а SpaceX потврди дека мисијата е успешно завршена. Станува збор за сателит од новата генерација наречен GPS III, кој е во орбита на 20.000 километри над површината на Земјата. Во моментот има повеќе од 30 GPS сателити во таа орбита кои ја обиколуваат планетата за 12 часа додека континуирано емитуваат радиосигнали за да ја одредат прецизната локација на објектите на земјата. Новата генерација сателити GPS III, произведени од Lockheed Martin, ќе го модернизираат целиот систем. Планот е да се произведат до 32 сателити, вклучувајќи ги и шесте лансирани од 2019 година до денес.

Иако GPS услугите главно се во служба на мобилните телефони, Lockheed Martin соопшти дека тие служат и за воени цели.

„Вселената стана спорна средина со сè поконкурентни противници. На нашите војници им требаат подобрени способности за да се справат со заканите. Потребата да се префрли фокусот назад на GPS како систем за борба никогаш не била појасна“, велат од Lockheed Martin.

Претходната генерација на GPS сателити влезе во употреба на крајот на деведесеттите години на минатиот век.

Откако ракетата Falcon 9 беше лансирана од Кејп Канаверал и потроши најголем дел од горивото, првата фаза се одвои од втората и слета на платформа на море. Ова е веќе рутински маневар за SpaceX, која редовно ги враќа своите ракети и повторно ги користи, а со тоа ги намалува трошоците.

Првата фаза што се користеше за лансирање на GPS сателитот претходно беше искористена за мисијата Crew-5 на SpaceX, која превезе четворица астронаути на Меѓународната вселенска станица во октомври.