СП2022: Венгер импресиониран од Меси


Директорот на ФИФА за глобален развој Арсен Венгер рече дека е воодушевен од настапите на аргентинскиот капитен Лионел Меси на Мундијалот во Катар.

„За мене е импресивно тоа што Меси повторно ја откри способноста да забрза во одреден момент. Никогаш не бил брз, но бил во состојба да знае кога треба да го смени движењето и темпото. Последните неколку години малку назадуваше на тој план, но сега на Мундијалот тоа го врати. Тој го навлекува противникот и одеднаш прави разлика, а притоа противникот воопшто да не е свесен дека тоа го направил“, изјави Венгер.

Поранешниот тренер на Арсенал оцени дека Меси е доминантен во однос на другите играчи на Мундијалот.

„Кога тој ја има топката – почнува музика. Околу него има тројца противнички играчи, а тој управува со нив. Како и на нив и на топката да им вели: Јас сум шефот“, додаде францускиот стратег пред денешното финале во кое Меси ќе се обиде да ја освои првата светска титула во кариерата и победнички да се збогува со големите натпреварувања.