СП2022: Бразил без Нејмар и Данило против Швајцарија


epa10326486 Brazil's forward Neymar holds his right ankle during FIFA World Cup 2022 group G soccer match between Brazil and Serbia at Lusail Stadium in Lusail, Qatar, 24 November 2022. EPA-EFE/LAURENT GILLIERON SWITZERLAND OUT

 

Бразил во натпреварот против Швајцарија во рамки на второто коло во групата Г на Светското првенство 2022 ќе биде без услугите на Нејмар и Данило поради повреди, соопшти лекарскиот тим на Кариоките.

Докторот Родриго Ласмар појасни дека Нејмар на дуелот од првото коло против Србија ги повредил лигаментите во скочниот зглоб, а со слична повреда на истиот натпревар се здобил и Данило.

– Тие двајца играчи нема да ги имаме на располагање на следниот натпревар, но тие продолжуваат со процесот на рехабилитација со цел да бидат подготвени за продолжение на турнирот, посочи Ласмар во видеопорака која ја објави Фудбалската федерација на Бразил.

Репрезентацијата на Бразил во четвртокот ја совлада Србија со 2-0, а дуелот против Швајцарија е на програмата в понеделник.