СП2022: Аргентинска инвазија за полуфиналето против Хрватска
ОАЕ –Репрезентациите на Аргентина и на Хрватска вечер од 20 часот во Лусаил ќе го почнат првото полуфинале на Светското фудбалско првенство во Катар.

Аргентина важи за фаворит на овој дуел. „Гаучосите“ во осминафиналето ја совладаа селекцијата на Австралија (2:1), а во четвртфиналето ја победија Холандија (2:2, 4:3) по изведување на пенали.
Хрватската репрезентација ги доби двата меча од плејоф фазата по изведување пенали. Против Јапонија (1:1, 3:1) и Бразил (1:1, 4:2).
Во второто полуфинале утревечер во Ал Хор ќе се соочат Мароко и Франција.
Од 35.000 до 40.000 Аргентинци се очекува да допатуваат во Доха за натпреварот против Хрватска во рамки на полуфиналето на Светското фудбалско првенство, покажуваат проценките на Амбасадата на Аргентина во Катар.
Станува збор за најголем навивачки контингент кој пристигнува од Аргентина во Катар.
Аргентинските фудбалери на Светското првенство имаат поддршка од илјадници Индијци и Бангладешани, кои се вработени во Катар.
„Тоа што го работам, го работам за 45 милиони луѓе. Тие минуваат низ лош економски период. Да им се пружи радост на луѓето е најдобрата работа што ми се случува во овој момент“, изјави аргентинскиот голман Емилијано Мартинез, кој беше најзаслужен за триумфот на Аргентина на пенали против Холандија во четвртфиналето на Мундијалот.