СП во хокеј на мраз: Чешка и Швајцарија во борба за златото


Прага – Репрезентациите на Чешка и на Швајцарија ќе се борат за титулата светски првак во хокеј на мраз, откако Чесите ги надиграа Швеѓаните со 7-3 во саботните полуфинални натпревари одиграни во прашката О2 Арена, а Швајцарците победија на пенали со 3-2 против Канаѓаните, кои се бранители на титулата.

Финалниот меч во О2 арената е закажан за вечерва во 20 часот и 20 минути, додека пет часа порано ќе започне мечот за бронзениот медал меѓу Канада и Шведска.

Тоа ќе биде седмо финале за Чешка на светските првенства по распадот на Чехословачка, а прво по 2010 година, кога го освоија шестото светско злато на Мундијалот што се одржа во Германија.

Швајцарија е трет пат во финалето, но никогаш не освоила светска титула.