СП: Македонија не е ничиј историски проект


Социјалистичка партија на Македонија реагира на изјавата на бугарската претседателка Илијана Јотова која најави дека Софија ќе продолжи да се грижи за Бугарите во нашата држава.

„Со најостро несогласување ја отфрламе изјавата на бугарската претседателка Илијана Јотова дека Македонија и Бугарија имаат „заедничка историја“ и дека Софија ќе продолжи да се „грижи“ за Бугарите во Македонија, наведува Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) во реакцијата.

Партијата потсетува дека македонската историја има свој континуитет и свој развој и не може денес да биде прекројувана според бугарски национални претензии.

„ Македонија има свој историски, духовен и културен континуитет и свое национално паметење. Таа е древно средиште на европската цивилизација и не може нејзиното минато да се толкува исклучиво низ политичките матрици на соседните држави.Историските допири меѓу народите не значат и заедничка национална историја. Особено не може денес ретроспективно да се наметнуваат современи национални категории врз векови македонска историја, а политичките процеси на бугарско национално наметнување и асимилација да се претставуваат како „заедничка историја“.Наместо историски претензии и политичко туторство, потребно е почитување на македонскиот народ, неговиот јазик, култура, идентитет и историско паметење.

И на крајот, за оние што намерно го забораваат историскиот факт: АСНОМ е темелот на современата македонска државност, извојуван низ четиригодишната антифашистичка и ослободителна борба на македонскиот народ, вклучително и против бугарската фашистичка окупациска власт. Тој историски факт јасно сведочи дека македонската државност не е туѓ проект, туку резултат на сопствена борба, сопствена политичка волја и сопствено државотворно право.

Европа не се гради со присвојување туѓа историја, туку со почитување на различностите. Тука почнува и тука завршува секој обид Македонија да се преобликува според туѓи историски и политички матрици. Македонија не е ничиј историски проект. Македонија има своја историја. Македонија е своја, порачуваат од партијата.