Совршено сочуван римски мозаик откриен под лозје близу Верона


Мозаикот беше откриен под редовите лози за време на архолошките ископувања

Експертите велат дека наодот е „археолошко богатство“ и датира од 3. век од нашата ера

 

Совршено зачуван древен римски мозаик беше откриен во близина на северниот италијански град Верона.

Археолозите беа зачудени од откритието, бидејќи се случи речиси еден век откако остатоците од вилата, за која се верува дека датира од III век од н.е., беа откопани во ридско подрачје над градот Неграр ди Валполичела.

По откритието во 1922 година, местото беше претежно напуштено, сè додека тим на началникот за археологија, ликовни уметности и пејзаж на Верона продолжи со копањето минатото лето. Тимот се врати на местото во октомври и повторно во февруари пред ископувањето да биде суспендирано поради пандемијата на корона вирусот.

Мозаикот беше пронајден на неколку метри под низата лози една недела откако работата беше обновена.

„После безброј децении неуспешни обиди, дел од подот и темелите на римската вила лоцирана северно од Верона, откриени од страна на научниците пред еден век, конечно беа изнесени на виделина“, напишаа властите од Неграр ди Валполичела на Фејсбук страницата на градот.

„Началникот сега ќе комуницира со сопствениците на областа и општината за да ги идентификува најсоодветните начини да се зачува ова археолошко богатство, кое секогаш се криеше под нашите нозе“.

Роберто Грисон, градоначалникот на Неграр ди Валполичела, изјави за локалниот весник „Л’Арена“: „Веруваме дека културното место со ваква вредност заслужува внимание. Поради оваа причина, заедно со началникот и оние кои се одговорни за земјоделски фондови, ќе најдеме начин да го направиме ова богатство да се користи“.

Камени плочи кои датираат од пред 2.000 години, исто така беа откриени по отворањето на дупка пред Пантеон во Рим за време на заклучувањето на корона вирусот.

Седумте плочи на травертин беа пронајдени 2,5 метри под Пјаца дела Ротонда. Отворањето на дупки се вообичаен проблем во Рим, но за среќа, обично преполнетиот плоштад беше празен во моментот кога се распадна тротоарот во април.

Културните места на Италија полека се враќаат во живот, а археолошкиот парк Помпеја беше реотворен во вторникот. Паркот повторно е отворен со воспоставени безбедносни мерки, вклучувајќи проверки на температурата, додека влезната цена е намалена на 5 евра.

Колосеумот ќе се отвори на 1 јуни, при што посетителите треба да купуваат билети преку интернет, да носат маски за лице и да ја проверат нивната температура пред да влезат. (Според агенциите)