Совршена поезија и совршен балет – Молитвите на Ацо Шопов го маѓепсаа Скопје (галерија)

90 минути публиката, синоќа, во Националната опера и балет ја следеше без здив балетската претстава – триптих „Молитвите на моето тело“ според истоимениот циклус поезија на Ацо Шопов, маѓепсана од креативното „сплотување“ на тим од тринаесет уметника, од различен профил.
Тоа беше волшебна ноќ каде талентот, технологијата, естетиката, искреноста, страста, животот, емоцијата, душата, совршенството, харизмата, грациозноста, авторитетот, женственоста и оптимизмот на учесниците во уникатниот концепт на Александар Ношпал во кој следевме органска симбиоза на различни уметнички изрази, приредија импресивен омаж за еден од најзначајните македонски поети и амбасадори Ацо Шопов.
Беше предизвик поезија да биде „прочитана“ со јазикот на танцот. Трите поетски циклуси „Раѓање“, „Преплетување и „Вознесување“ на сцената, се прелеваа како водопади, добивајќи интензитет во балетската игра и во колоритноста на сцената и со помош на совршените костими, исто така, на Ношпал. Раѓањето на зборот, игрите на зборови со човечки тела. вознесување на телото, на идејата, на исчекорување надвор во некоја нова димензија, беа симболизирани преку беж-златната, црвената и виолетовата боја.
Класичниот балет доби вонтелесна димензија во кореографските парчиња на Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Ефтимова, а со визуелните ефекти, како светлечка струја да им поминуваше низ балерините и балетаните и да им го будеше телото.
Почит и восхит за Александар Ношпал кој зад себе има 25 годишно театарско искуство, особено со своите ангажмани во областа на балетската костимографија во елитните европски балетски компании (Операта Лајпциг, Дизелдорф, Бољшој Театарот итн.), на визуелниот дизајн на графичкиот дизајнер на мултумедија Лазе Трипков, младиот сценограф Михајло Стојановски, и визуелниот уметник Флорија Чанга ( Р. Албанија) кој ја заокружи и оживеја појдовната поетска матрица. Проектот, со еден збор, ги соедини поетската реч на Шопов со современиот мултимедијален јазик кој е близок до генералниот тренд на светската балетска продукција.
Композиторите Дарија Андовска, Александар Гроздановски, Александар Пејовски музички ја моделираа звучната подлога создавајќи инспиративен, многуслоен текст кој е во тесна интеракција/ дијалог со самата поезија на Шопов.
Како апликативни сентенци во самата претстава беше вклучен актерот Никола Ристановски кој ја оживеа говорно самата поезија и даде емоционална обоеност на претставата.
Синоќа, – 20 декември беше роденденот на поетот Ацо Шопов и пред почетокот на претставата свечено беше затворен јубилејот кој се отвори во март оваа година во седиштето на УНЕСКО во Париз. Во фоајето на НОБ беа отворени и две изложби посветени на Шопов – едната насловена „Патот по кој чекорам“ и втрата „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“.
Првата реприза на претставата е на 22 декември.
Фото: ФБ на НУ. Национална опера и балет