Современи ортопедски додатоци и помагала добија 36 лица со телесна попреченост


Триесет и шест лица со телесна попреченост денеска добија посоверемени, пофункционални и посигурни помагала кои треба да ја олеснат нивната подвижност и мобилност. Помагалата се обезбедени од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија, од средствата во висина од 1,6 милиони денари, што Министерството за труд и социјална политика му ги додели на Сојузот согласно програмата за работа и одобрениот финансиски план за 2018 година.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која денеска присуствуваше на доделувањето на ортопедските помагала, истакна дека ова покажува оти парите се трошат наменски и одат за задоволување на потребите на овие лица.
-МТСП се грижи за сите граѓани со одредени попречености или телесни инвалидности за да можеме да направиме максимум и во делот на права и во делот на услуги за навистина да се подобри квалитетот на нивниот живот. Министерството прави напори со обезбедувањето средства потребни за функционирањето на Националниот сојуз на инвалидски организации и Национален сојуз на телесно инвалидизирани лица на Македонија – Мобилност Македонија да ја поттикне работата на полето видливост на лицата со попреченист, а со овие ортопедски помагала и олеснувањето на движењето, присуството на лицата со попреченост во социјалниот живот ќе биде секојдневиe, изјави министерката Царовска.

Бранимир Јовановски претседател на Мобилност Македонија вели дека со ваквата намена на добиените средства од МТСП, сакаат да го подигнат нивото на јавна свест на лицата кои ги раководат институциите на државата.
Тој апелираше до локалните самоуправи да ги вклучат електричните додатоци за инвалидските колички плановите за субвенционирање, онака како што ги сувенционираат велосипедите или електричните скутери, бидејќи, како што потенцира, на лицата со телесна инвалидност електричните додатоци им возможуваат лесно движење низ градовите.
Јовановски се надева дека наскоро ќе завршат преговорите што повеќе од две години ги водат со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за донесување нов сеопфатен правилник за индикации за остварување право на ортопедски и други помагала со вклучување нови пофункционални посигурни посифистицирани помагала и додатоци.
Со овие средства што ги добиле од МТСП, Сојузот набавил 19 силиконски лајнери за лица кои имаат ампутација на екстремитет, 20 електрични додатоци кои можат да се инсталираат на било кој тип инвалидска количка и да го забрзаат и олеснат движењето низ градот, седум ортопедски чевли со повишување над шест сантиметри, а околу 271 илјада денари се доделени за помош на членовите при лекување и набавка на ортопедски помагала.