Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество бара со итен ребаланс да се обезбедат 15 милиони денари за финансирање НВО


Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество бара да се направи ребаланс на Буџетот за да се предвидат средства за реализација на Предлог-програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Генералниот секретаријат на Владата за 2022 година, а во спротивно најавуваат дека ќе ја бојкотираат работата на ова советодавно тело.

– Советот бара итно да се спроведе ребаланс на Буџетот и да се предвидат дополнителни 15 милони денари во буџетот на Генералниот секретаријат на Влада на ставката 463 за трансфери до невладини организации кои ќе бидат распределени за граѓанските организации преку јавен оглас, согласно Предлог-програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022 година. Доколку ставот на Владата не се промени и не се пристапи кон итен ребаланс на Буџетот членовите на Советот од редот на граѓанските организации ќе ја бојкотираат работата на ова советодавно тело сè до конечното решавање на ова прашање, рече претседателката на Советот, Фани Каранфилова Пановска на денешната прес-конференција пред Владата.

Таа нагласи дека Советот не се согласува со запирањето на постапката за донесување на Предлог-програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Генералниот секретаријат на Владата за 2022 година, што беше пракса повеќе од 10 години. Додаде дека со ваквата одлука, Владата ја напушта досегашната добра пракса за консултации со Советот и со граѓанските организации, што, како што рече, е спротивно на нејзините заложби декларирани во Програмата за работа на Владата 2022 – 2024 година, особено во делот на обезбедување поволно опкружување за работа на граѓанското општество и реформата на државното финансирање на граѓанските организации.

-Советот, како што беше случај и во изминатите четири години, по спроведување на широк процес на консултации со граѓанското општество ја утврди Предлог-програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Генералниот секретаријат на Владата за 2022 година. За жал, Предлог-програмата беше симната од дневен ред на седница на Генералниот колегиум на државни секретари, поради негативно мислење од Министерството за финансии со образложение дека средствата во износ од 15 милиони денари планирани во буџетот на Генералниот секретаријат се строго наменски, појасни Каранфилова Пановска.

Како што истакна, при разгледување на Дополнетиот предлог Буџет, во владина процедура е нотирано дека средствата во висина од 15 милиони денари ќе бидат наменети за потребите на Црвениот крст, а за финансирање на програмските активности на здруженијата на граѓани и фондациите се планирани средства во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

 

-Советот ја поздравува одлуката на Владата да одвои средства за финансирање на граѓански организации во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците и ги охрабрува другите институции да го следат овој пример. Советот е консултиран и вклучен во програмирањето на приоритетите за финансирање на средствата обезбедени во Министерството за политички систем и овие средства ќе бидат распределени во согласност со приоритетите и целите на ова Министерство, кои се однесуваат на обезбедување општествена и социјална кохезија меѓу различните етнички заедници и другите малцинства и ранливи групи во нашето општество, истакна Каранфилова Пановска.

Со Предлог-програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Генералниот секретаријат на Владата, како што кажа, се дефинираат приоритети и цели кои предвидуваат финансирање на граѓанските организации и нивните активности поврзани со исполнување на приоритетите и реформите дефинирани во Програмата за работа на целата Влада, а не приоритети на едно конкретно министерство или ресор.

-Се поставува прашањето од кои средства, ако не од средства предвидени во буџетот на Генералниот секретаријат на Владата ќе се финансираат активности на граѓански организации поврзани со реформите во справувањето со корупцијата, владеењето на правото, правосудниот систем, економскиот раст и развој, европската интеграција, потенцира Каранфилова Пановска.

Порача дека сметаат оти одлуката да не се обезбедат средства во буџетот за реализација на Предлог-програмата на Генералниот секретаријат на Владата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022 година, директно ја поткопува улогата и мандатот за што е основан Советот за соработка меѓу Владата и граѓанските организации и е во спротивност со Стратегија за соработка со и развој на граѓанското општество 2022 – 2024 година.

-Бараме да не се напушта долгогодишната позитивна пракса за финансирање на граѓанските организации од Буџетот на Генералниот секретаријат на Владата во оваа 2022 година, за која сме свесни дека е година на повеќекратна криза – здравствена, енергетска и економска, со која диспропорционално повеќе се погодени граѓанските организации и пред сѐ граѓаните чии потреби ги задоволуваат и чии интереси ги застапуваат. Ја потсетуваме Владата и јавноста дека крајни корисници на овие средства се граѓаните на оваа држава за полесно да ги надминуваат предизвиците со кои се соочуваат, а кои се драстично зголемени во период на криза, рече Каранфилова Пановска.